Кина „на нишан“ на САД
14 јануари 2012Година за година САД наменуваат огромни суми пари за нивниот воен буџет. На оваа пракса сега и‘ дојде крај, со оглед на дупката во државната каса. Пресметано, околу 516 милијарди евра ќе тежи буџетот на министерството за одбрана годинава, помалку од мината година, но се’уште далеку повеќе од вкупниот буџет на Германија (306 милијарди евра). Но во наредните десет години буџетот за американската одбрана треба да се намали за натамошни 350 милијарди евра. Времето на долготрајните воени интервенции е минато, изјави неодамна претседателот на САД Барак Обама, претставувајќи ги пресметките во Вашингтон. Освен ова американската армија во иднина засилено ќе се ангажира во азиско-пацифичкиот регион. Со оглед на „растечкото економско и безбедносно - политичко значење“ на овој регион САД „таму ќе го засилат своето присуство“, подвлече министерот за одбрана Леон Панета.
„Светската сила САД не е заслабнета“
Скапите војни во Ирак и во Авганистан го доведоа Вашингтон на работ на издржливост во воена смисла. Сепак плановите за штедење кои американската влада сега ги обелодени не се знак за слабеење на американската водечка позиција. Во ова е уверен Оливер Тренерт, експерт за безбедност од берлинската фондација Наука и политика. „САД и натаму ќе настапуваат за своите пријатели и сојузници“, уверен е Тенерт во интервју за ДВ. Безбедносно- политичката ситуација меѓутоа е драматично променета по крајот на студената војна. „Земји, кои сега се повеќе во фокусот да паднат под американска заштита се државите од азиско-пацифичкиот простор“, подвлекува Тренерт. Политичкиот развој во Северна Кореја, токму во периодов на промена на власта од Ким Јонг Ил во рацете на Ким Јонг Ун речиси и да не може да се процени. Но, уште поголема грижа на САД е северно-корејскиот северен сосед Кина.
Кина во визирот
Имено, иако во Вашингтон речиси никој не сака да изговори, новата американска воена стратегија цели кон Кина. Пекинг изминатите години масовно ја вооружуваше пред се’ својата морнарица. Кина во меѓувреме поседува модерна флота подморници, гради сопствен носач на авиони и невидливи бомбардери и развила прецизни ракети со дострел од 1.700 километри. Многу од овие ракети Пекинг ги стационира на теснецот Формоза. Република Тајван иако е најблискиот сојузник на САД во регионот, Кина се’уште ја смета за одметната провинција. „Во Вашингтон“, појаснува експертот Тенерт, „грижата е голема, дека Кина во иднина ќе им оневозможи на Американците да го користи Тајванскиот теснец за соствените носачи“, за да ја бранат островската држава.
Но, Тајван веќе одамна не е единственото жариште во источна Азија. Меѓу Кина и Јапонија со години лебди конфликтот околу наоѓалиштата на нафта и гас во Источнокинеското море. Појужно Кина води спор со повеќе соседи за превласт над малата, но, стратешки важна група острови Спратли во Јужното кинеско море. И овде се претпоставуваат огромни резерви на суровини. Покрај Кина заинтересираност за ненаселената група острови пројавија и Тајван, Виетнам, Филипините, Мелзија и Султнатот Брунеи, и освен Брунеи сите други држави во меѓувреме таму подигнаа воени бази.
„Огнен прстен“ околу кинескиот брег
Масовните воени напори на Кина, меѓу кои според проценките на Вашингтон спаѓаат и се’ почести сајбер - напади против американската армија, го свртеа вниманието на САД, кои веќе пред години ја донесоа одлуката за проширување на активностите во азиско - пацифичкиот регион. САД имаат 75.000 војска во регионот, освен ова стрешките партнери на Вашингтон во регионот со години се снабдуваат со оружје вредно милијарди. Последно, Токио на крајот на 2011 купи американски борбени авиони Ф-35 за седум милијарди американски долари. Во меѓувреме Вашингтон има мрежа од сопствени воени бази и сојузнички држави, поставени во форма на полумесечина пред брегот на Кина: од Јапонија и Јужна Кореја на истокот преку Гуам, Тајван и Филипините до Тајланд се простира „’огнениот прстен’, кој Вашингтон во случај на конфликт би можел да го активира“, вели Мартин Вагенер, раководител на научната група Азија на универзитетот во Триер.
Конфликт, кој никој не сака да го нарече по име
Сепак: ниту Вашингтон, ниту Пекинг не се заинтересирани за воена ескалација во Источна Азија. „Односите меѓу САД и Кина се такви, какви до сега немало’, појаснува експерот Тренерт. Имено и покрај сето воено и безбедносно политичко ривалство и двете држави економски се многу зависни една од друга.
Официјално и Вашингтон и Пекинг молчат за плановите на другата страна. Вашингтон многу повеќе полага на двојна стратегија, подвлекува Тренерт. Се нагласуваат добрите односи, но, истовремено Вашингон се вооружува за случај на воен конфликт. Во Пекинг играта се одвива слично.
Автор: Томас Лачан/ дпа/ ртр/ Александра Трајковска
Редактор: Ж.Ацеска