Кери упорно бара мир на Блискиот Исток
24 мај 2013Државниот секретар на САД, Џон Кери имаше вчера одвоени разговори со израелските и палестинските власти по што изјави дека постои значителна скепса во поглед на можноста од обнова на мировните разговори помеѓу двете страни.
Обидите за обнова на мировниот процес, кој е блокиран повеќе од две години, не дадоа знаци за исчекор ниту за време на четвртата посета на Кери во четири месеци.
„Го познавам добро овој регион и знам дека постои скепса, во извесен поглед и цинизам, но постои причина за тоа. Имаше години на горки разочарувања“, изјави Кери при средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Нашите надежи се дека методично, внимателно, трпеливо, но прецизно и упорно, можеме да го исцртаме патот напред кој би можел да ги изненади луѓето. Сигурно ќе ги бараме сите можности за постигнување на мир“, изјави Кери.
Тој се состана со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Рамала на Западниот Брег, по што се врати во Ерусалим за да се состане со израелскиот претседател Шимон Перез.
Израелските медиуми тврдат дека Кери на почетокот на јуни планира да објави план за обновување на преговорите на Блискиот Исток.
Израелскиот претседател Перез и премиерот Нетанјаху во разговорите со Кери ја изразиле подготвеноста за преговори со Палестинците. Успех на Кери би бил успех и на Израел, неуспех би бил и наш неуспех, изјави Перез. Министерката за правда Ципи Ливни меѓутоа признава поделеност на кабинетот во однос на мировниот процес. „Постојат идеолошки разлики во срцето на владата“, тврди таа.
Блокадата на преgоворите, според Ливни, која треба да биде главен преговарач, им користи на оние „кои секој ден без мировен договор можат да изградат една куќа“, изјави таа алудирајќи на движењето за поттик на политиката на изградба нови израелски населби на палестински територии. Палестинците досега како услов за повторен почеток на преговорите го истакнуваат токму стопирањето на изградбата нови доселенички израелски населби.