Келнската катедрала - вечно градилиште
Градежните работи на Келнската катедрала се одвиваат веќе 800 години- вклучително и паузата од 300 години помеѓу. Неодамна беше спектакуларно отстрането скелето од последното реновирање.
Северната кула
Од височина од околу 100 метри, огромен кран го отстрани скелето од северната кула на импресивната Келнска катедрала. 25-метарското скеле беше поставено уште пред 10 години откако три метарско парче бетон падна од кулата. Од таа причина, сите метални и железни делови беа заменети со специјален челик.
Шест часа наместо шест месеци
Доколку скелето беше отстранувано додека беше прицврстено за кулата, работата ќе траеше шест месеци. Со овој 750-тонски кран тоа беше сторено за само шест часа, а притоа беше приреден и вистински спектакл за стотиците минувачи.
Божја заштита
„Сега сме во божји раце“, изјави Михаел Хаук, главниот архитект на катедралата додека работниците го прицврстуваа скелето на кранот. Можеше да биде многу опасно за работниците и за околината доколку ветрот дувнеше малку посилно.
Постојано во изградба
Некој дел од катедралата постојано е покриен со скеле. Нема многу жители на Келн кои се сеќаваат кога катедралата била целосно отворена. „Тоа е нормално“, велат тие, и го сметаат истото за симбол за нешто прекрасно, иако никогаш не е довршено.
Тровековна пауза
Келнската катедрала е стара и нова во исто време. Изградбата почнала на почетокот на 13. век, но запрела во 1510 година поради недостаток на пари. Катедралата била без кули цели 350 години, како што се гледа на оваа фотографија од 1853 година. Кулите биле изградени дури во 1880 година. Тие биле подигнати согласно оригиналниот Готски план од 1248 година.
Лузните од војната
Келн беше речиси целосно уништен во Втората светска војна. Катедралата беше погодена од најмалку 70 бомби, но на општо изненадување успеа да се одржи. Нејзината обнова траеше со децении, но лузните се уште се видливи. Дел од оригиналните витражи мораа да бидат заменети со матирано стакло.
Контроверзно стакло
Познатиот германски уметник Герхард Рихтер изработи витражи за катедралата во 2007 година. Тој се обиде да го реинтерпретира 113-квадратниот витраж на јужната страна кој беше уништен во војната. Но многумина во Келн не се задоволни со ова модерно уметничко дело.
Војни со птиците
Гулабите се една од најголемите закани за катедралата затоа што нивниот измет ја оштетува деликатната фасад. Затоа надлежните во катедралата „вработија“ сокол кој е задолжен да ги брка гулабите.
Големиот ривал
Цели четири години Келнската катедрала можше да се фали дека е највисоката во светот, со 157 метри. Но, во 1884., Улм ја заврши Готската кула на својата катедрала. Со висина од 161,5 метри, тоа е највисоката црковна кула во светот, иако мораше да чека цели 300 години за да биде завршена. Властите во Улм чекаа да биде завршена Келнската катедрала, па потоа ја подигнаа нивната кула.
Не е крај на светот
И покрај тоа што не е највисоката катедрала во светот, за жителите на Келн таа е најубавата. Во изминатите 170 години половината од трошоците за изградбата беа плаќани од градот, преку фондација која сега притиска за нова градежна фаза. Тоа е важно, затоа што според преданието светот ќе пропадне доколку заврши градбата на Келнската катедрала.