Кафеански инцидент како закана за добрите односи?
31 октомври 2006Руското министерство за надворешни работи ги повика македонските власти да го расчистат инцидентот. Првиот секретар од Руската амбасада во Скопје, Константин Берсенев вели дека очекува настанот да добие завршница: “Од министерот Милошоски добивме најостри уверувања дека овој инцидент има исклучиво изолиран карактер и нема никаква политичка или каква било друга безбедносна позадина. Таа квалификација целосно се поклопува со нашите оценки“.
Македонската влада се огласи со соопштение во кое уверува дека ќе ги преземе сите неопходни мерки да го расчисти инцидентот што ги разбранува односите на релација Скопје - Москва. Портпаролката на министерството за надворешни работи, Шпреса Јусуфи вети дека виновниците ќе бидат казнети:“Изразуваме решеност и подготвеност до крај да го истераме случајот, да се расветли и спрема тие што се виновни да се преземат соодветни мерки“.
Станува збор за тепачка што се случи во неделата рано наутро во едно елитно кафуле во центарот на Скопје. За причините има повеќе верзии. Најраскажувана е онаа, според која, Русите биле алкохолизирани и ги задевале девојките во локалот. Им се спротивставиле група гости и обезбедувањето на кафулето. Подебелиот крај го извлекоа Русите, велат очевидците:
“Само Русите беа тепани од страна на некои други дечки кои беа во Тренд и од страна на вратарите“.
И македонската и руската страна веруваат дека станува збор за изолиран инцидент што нема да ги наруши меѓусебните релации. Русија, како што се вели, е економски и политички наклонета кон Македонија и се надеваат дека така и ќе остане.