Катастрофални сигнали
8 септември 2009По бомбардирањето на цистерните со бензин во Авганистан многу прашања остануваат отворени: Како дојде до одлуката? Колку цивили се меѓу жртвите? Имало ли алтернатива за воздушниот напад? На одговорите, судејќи според се’, ќе се чека со денови. Тоа е фатално, зашто во клима на нејаснотија се засилуваат катастрофалните сигнали, кои веќе сега произлегуваат од овој инцидент.
Слики кои не ја зголемуваат довербата во Бундесверот и НАТО
Пораката број еден гласи: НАТО-сојузот во Авганистан е очигледно подлабоко поделен, отколку што досега беше познато. Бундесверот е отворено критикуван од страна на своите партнери во Вашингтон и Лондон, и тоа уште пред да бидат познати официјалните резултати од истрагата. Исто толку силни се обвинувањата на Бундесверот дека американската војска намерно шири погрешни информации, за да се дискредитира германскиот ангажман во Авганистан.
Спорот се води преку медиумите и може со сигурност да се смета на тоа дека на овој начин тој стигнува и до авганистанската јавност, со познати последици: кај авганистанското население исчезнува довербата во процесот на демократизација, што е најважната претпоставка за успех на тој процес. Талибанците можат да ги тријат рацете од задоволство - разгорената дискусија, имено, е како вода за нивната пропагандна воденица.
Пораката број два гласи: Талибанците се присутни и во наводно сигурниот северен дел на Авганистан. И оние кои таму треба да се грижат за безбедноста, очигледно умеат да се бранат себеси само со жестоки напади од воздух. Слика, која нема да ја зголеми довербата ни во Бундесверот, ниту во локалните авганистански безбедносни сили.
Чист отров за развојот на Авганистан
Пораката број три гласи: Имиџот на германскиот Бундесвер како армија за изградба на Авганистан е многу нарушен - со несогледливи последици. Нападите врз германските војници ќе се зголемат. Јавноста во Авганистан и во Германија се’ помалку ќе прави разлика меѓу борба против бунтовниците и војна. Изборната кампања во Германија, која влегува во полн ек, ќе доведе до уште поемоционална дебата за Авганистан.
Сето ова е чист отров за развојот во Авганистан. Поделени НАТО-партнери од една страна, и се’ повеќе цивилни жртви и талибанци кои триумфираат од друга страна - тоа не се добри рамковни услови за вториот мандат на претседателот на Авганистан, доколку се разбира Хамид Карзаи победи на актуелните избори.
Во германската предизборна кампања може да се предвиди спор околу германскиот воен ангажман во Авганистан. Но тој нема да помогне , зашто барањето „германските војници надвор од Авганистан“ можеби ќе донесе гласови, но никако не е издржан концепт за иднината на Авганистан.
Кој сака да ризикува воведување нов талибански режим во Авганистан , мора да се потсети на времето на нивното владеење. Претстојниот 11 септември нуди можност за тоа. Симболичниот датум можеби повторно ќе им разјасни на НАТО-партнерите кој е всушност непријателот во Авганистан.
Автор на коментарот: Сибиле Голте
Превод: Симе Недевски
Редактор Александра Трајковска