Капка надеж во морето полно со нафта
16 јули 2010Тоа се најдобрите слики откако почна нафтената катастрофа пред три месеци - подводните камери ја покажуваат цевката од која веќе не истекува нафта. Но, тоа би можело да биде така само привремено, па реакциите се воздржани: „Мора да бидеме внимателни“, вели менаџерот на „БП“ Даг Сателс, додавајќи: „Ова е прекрасна глетка, но од целта сме уште многу оддалечени.“
Американскиот претседател Обама вели дека запирањето на излевањето на нафтата е позитивен знак, но укажува дека станува збор само за тест-фаза. А во тест-фазата треба да се одговори пред се‘ на прашањето: дали бетонските потпори на местото кадешто се дупчи ќе го издржат притисокот откако се затворени вентилите на цилиндерот со кој е покриено местото од кадешто излегува нафта? Постојат стравувања дека поради притисокот на нафтата која се искачува нагоре, можат да се отворат нови пукнатини на кревката конструкција. Постојано се вршат контроли и секои шест часа се анализираат резултатите од контролите и се носи одлука што да се преземе натаму. Завршната оценка по тестовите ќе биде донесена најдоцна за 48 часа. Адмиралот Ален, координатор на американската влада за ова прашање, предупредува: „Мора да биде јасно дека е ова меѓучекор.“
Од почетокот на нафтената катастрофа, во април, во Мексиканскиот залив, според проценките, истекле околу 690 милиони литри нафта. Ова е најголемата еколошка катастрофа во американската историја.
Автор: Сабине Милер/ Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска