Камбоџанската полиција пукаше во текстилните работници
3 јануари 2014При акција на армијата во Пном Пен, според информации на очевидци и борци за човекови права, се убиени најмалку тројца демонстранти, а има и повеќе повредени. Припадниците на воената полиција вооружени со огнено оружје отвориле оган врз демонстрантите пред една фабрика во предградие на Пном Пен кои фрлале со камења, шишиња и молотови коктели. Фотограф на агенцијата АФП изјави дека полицајците прво пукале во воздух, а потоа стрелале врз демонстрантите. Портпарол на воената полиција рече: „Ние само ја исполнуваме нашата обврска, улога и задача. Сега ја обезбедуваме ситуацијата.“
Текстилните работници бараат двојно зголемување на платите, кои во моментов изнесуваат 80 долари (околу 57 евра). Зголемување на платите на 95 долари, како што предлага владата, е неприфатливо за синдикатот.
Текстилната индустрија, каде се вработени околу 650.000 луѓе и која со години бележи се‘ поголем обрт, е најголемата извозна бранша во Камбоџа. Со приход од повеќе од пет милијарди долари таа е најважниот извор на девизи за сиромашната азиска земја. Околу 400.000 работници работат за интеранционални модни брендови, како Гап, Најк и Х&М.
Текстилните работници имаат поддршка од опозицијата во Камбоџа, која и самата повика на протести против власта поради, како што тврди, изборен фалсификат и кражба на повеќе од два милиона гласови на изборите одржани во јули.