Калифорнија се бори против пожарите
11 декември 2017Без оглед на стивнувањето на ветровите, пожарникарите не успеваат да ги стават под контрола најголемите шумски пожари во јужна Калифорнија. Пожарот наречен Томас, северно од Лос Анџелес, се прошири на уште 200 квадратни километри и е загаснат само 15 проценти, соопштија надлежните служби. Загрозени се во меѓувреме и универзитетскиот град Санта Барбара, северно од Лос Анџелес, како и приморското место Керпинтериа. Некои од тамошните предградија мораа да бидат евакуирани.
Пожарот Томас кој избувна минатиот понеделник во близина на градот Вентура и на чие распространување му погодуваа силните ветришта, незапирливо се шири и натаму. Тој веќе уништи речиси 600 објекти и 60.000 хектари земја, со што се вброи во најразорните во историјата на сојузната држава. Преку 200.000 луѓе ги напуштија своите домови за да се засолнат на безбедни места. Досега е пријавена една жртва во пожарите.