1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се случи молскавичниот подем на Исламска држава?

Дијана Ходали/ Жана Ацеска21 декември 2014

За јавноста, терористичката милиција Исламска држава како да изникна од земја. Но, џихадистите уште многу одамна беа активни на Блискиот Исток. А за тоа без вина не е и Западот.

https://p.dw.com/p/1E7T9
Фотографија: Reuters

За Ибрахим ал-Бадри не се знае многу, освен дека израснал во Багдад во сиромашно семејство. Но, денес тој не страда од сиромаштија, се нарекува калиф и предводи сопствена армија, под името Исламска држава, на почетокот со додавка „во Ирак и Сирија“.

Успехот на милитантниот исламистички лидер, кој од 2010 година се нарекува Абу Бакр ал-Багдади, се случи исто толку брзо колку и подемот на терористичката милиција Исламска држава, која од 2013 година учествува во сириската војна и се позиционира како нов непријател на Западот. Исламска држава шири страв и трепет, позната е по своите варварски постапки, настапува како некоја држава која сака да ги прошири своите територии.

Почеток во Ирак

Исламска држава засилено влезе во фокусот на светската јавност со објавувањето на различни видео-снимки на кои беше документирано погубување на западни новинари, хуманитарци и опозициони борци: нож, портокалова јакна, џелат со британски, понекогаш француски акцент. Со обезглавувањето пред вклучена камера, Исламска држава истовремено на брутален начин демонстрираше и медиумска компетенција.

Меѓутоа, екстремистите на ИД во регионот се активни над десет години. Терористичката мрежа ИД произлезе од огранок на терористичката група Ал Каеда во Ирак: кога во 2003 година Американците извршија инвазија во Ирак, го соборија диктаторот Садам Хусеин и ги потиснаа сите сунитски приврзеници на Хусеин од јавната администрација, од републиканските гарди до тајната служба. Многумина беа уапсени и оттогаш се наоѓаат во затвор. Илјадници сунитски Ирачани, меѓу кои генерали, офицери, војници и државни службеници се‘ повеќе беа истиснувани на маргините.

„Без овој развој, без инвазијата на САД немаше ни да има ИД“, вели Гинтер Мајер од Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот во Мајнц.

Irak - IS Führer Abu Bakr al-Baghdadi
Абу Бакр ал-Багдади - лидер на ИДФотографија: picture-alliance/AP Photo

Корист од сириската војна

Некои од поранешните приврзеници на Садам Хусеин се организираа во отпор против американските трупи. Под водство на Абу Мусаб ал-Заркави беше формирана „Ал Каеда во Ирак“. Земјата засилено стануваше магнет за џихадистите, кои во 2006 година, по убиството на Ал-Заркави, се преименуваа во Исламска држава во Ирак.

На почетокот на 2013 година ИД го искористи настанатиот вакум во власта во Сирија и експандираше. Џихадистите се нарекоа Исламска држава во Ирак и Сирија. Со дотогаш успешната милиција на Ал Каеда во Сирија, Ал-Нусра фронтот, дојде до крах. Ал-Нусра одби послушност кон Абу Бакр ал-Багдади, кој во меѓувреме ја презеде командата. Ал-Багдади со својата милиција оттогаш работи на создавање калифат, по можност во Сирија, Ирак, Либан и Палестина. На терористите уште на крајот на 2013 година им успеа да се утврдат во североисточната провинција Рака и оттаму да ги започнат освојувачките походи.

Преземање на власта во Мосул

„Падот на Мосул во јуни 2014 година беше фактичкиот час на раѓање на експанзијата на терористичката милиција“, вели блискоисточниот експерт Мајер во разговор за Дојче веле. Мосул се смета за главно засолниште на старите приврзеници на Садам Хусеин. Кога ИД ја презеде власта таму, многу сунитски екс-генерали им се приклучија на борците, во желба да се одмаздат на политиката на дискриминација спроведувана од шиитскиот ирачки премиер Нури ал-Малики. Освен тоа, ИД ја ограби Ирачката централна банка со седиште во Мосул и заплени милионски суми.

ИД во 2014 година брзо напредуваше кон Багдад, зашто преоптоварената ирачка армија од страв од терористичката милиција без борба и‘ го препушти Мосул, оставајќи најмодерна технологија и оружје. Ал-Багдади прогласи калифат во освоените области, не признавајќи ги постојните државни граници. Тој го воведе и шаријатското право, припадниците на други вери, како христијаните или Језидите беа или убивани или претворани во робови.

„Ова бунтовничко движење има јасна цел да поседува одредена територија“, вели експертот Гинтер Мајер. „Прогласувањето калифат имаше огромен одзив во целиот исламски свет“.

Irak Kurdistan Peschmerga Kämpfer Befreiung Sindschar Jesiden 17.12.2014
Пешмерга-борците се трудат да ја запрат ИД во експанзијатаФотографија: picture alliance/Emrah Yorulmaz/Anadolu Agency

Мека на радикалните муслимани од цел свет

Кон Сирија и Ирак се упатија радикални муслимани од цел свет, па и конвертити од Европа за да се борат во редовите на ИД. И од Германија има околу 550 борци, според сознанијата на Службата за заштита на уставниот поредок.

„Сите тие се убедени муслимани, кои сакаат да ги помогнат своите соверници во борбата против шиитите. А кон ИД ги мами и висока плата“, вели Гинтер Мајер.

ИД во меѓувреме ги прошири своите освојувачки походи и во минатите месеци под контрола стави повеќе нафтени наоѓалишта, воведе царини, данок, изнудува пари со киднапирања. Така, ИД е добро финансирана и не е веќе зависна од поддршката на богати Арапи. Според различни проценки, ИД дневно има приход од еден до три милиони евра.

Да се запре напредувањето, но како?

Преку своите пари џихадистите без проблеми можат да се снабдат со оружје преку Турција и преку Либан и веќе се сметаат за сериозна воена сила. Вооружувањето на курдските пешмерга борци во северен Ирак од страна на Западот, вклучително и Германија, борбата на курдските борци во североисточна Сирија и алијансата на арапските држави со САД, која со месеци ги бомбардира позициите на ИД, ја оневозможија терористичката милиција во освојување на дополнителни територии.

„Напредокот навистина е запрен“, вели Гинтер Мајер. „Истовремено, идеолошко атрактивната цел за исламска држава избледе со оглед на бројните егзекуции. Но, воздушните напади исто така водат до загуби кај домашното население, а тоа од другастрана ја јакне повторно атрактивноста преку желбата за одмазда“.

Експертите се единствени-само умерените сунити во регионот се во можност трајно да ја победат ИД.

„Апсолутното мнозинство луѓе таму е против ИД и нејзината радикалност. Ако тие се обединат, подобро се организираат воено, многу брзо ќе доживееме воена победа над оваа организација“, убеден е Удо Штајнбах, раководител на Центарот за Среден Исток и северна Африка на Хумболт-Виадрина факултетот во Берлин.