1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030210 NATO Istanbul

4 февруари 2010

Ова е најважното прашање што се разгледува на средбата на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, што денеска и утре се одржува во Истанбул. На состанокот ќе се разговара и за Косово и односите со Русија.

https://p.dw.com/p/LrHo
Фотографија: AP

Во нешто задоцнетиот новогодишен говор, одржан на 1 февруари, генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, се обиде да рашири оптимизам:

„Оваа 2010 ќе биде одлучувачка година. Ќе биде и предизвик, а ќе има и многу лоши денови. Меѓутоа, убеден сум дека ќе ја имаме потребната стратегија, средствата и заедништвото за оваа година да постигнеме вистински напредок.“

Кога вели „предизвик“, Расмусен мисли пред се` на мисијата во Авганистан. А тоа ќе биде и најважната тема на конференцијата на министрите за одбрана во Истанбул. Безбедносната ситуација во Авганистан останува тешка, многу земји-членки на НАТО ја оспоруваат воената мисија. На конференцијата за Авганистан, што минатата недела се одржа во Лондон, германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, дури зборуваше и за план за повлекување од земјата.

„Не сакаме вечно да останеме во Авганистан. Во 2010 година сакаме веќе да почнеме со процесот на регионално предавање на одговорноста во рацете на авганистанските власти. Во 2011, пак, сакаме да почнеме со повлекување на нашиот контингент, а во 2014 година се надеваме дека авганистанските власти ќе можат целосно да ја преземат контролата“, истакна Вестервеле.

Цивилната обнова и обуката на безбедносните сили е најважна

Bundeswehr in Afghanistan
Обуката на персоналот е клучна за успехот во АвганистанФотографија: picture-alliance/ dpa

Меѓутоа, пред да се повлече, Германија ќе ги зголеми своите трупи, а испраќање повеќе војници најавија и други држави. Меѓутоа, денес НАТО значително повеќе внимание посветува на цивилната обнова и обуката на авганистанските безбедносни сили. Авганистанскиот претседател, Хамид Карзаи, во Лондон се заложи и за интеграција во авганистанското општество на оние талибанци, кои ќе се откажат од насилството:

„Мораме да им ја пружиме раката на сите наши браќа кои не се членови на Ал Каeда или други терористички организации, а се подготвени да го почитуваат авганистанскиот устав.“

Сепак, не сите претставници на земјите-членки на НАТО се сигурни дека војната во Авганистан може да се добие.

Во Косово, пак, е поинаку. Раководството на НАТО смета дека ситуацијата во меѓувреме толку се стабилизирала, што планира да го намали својот контингент на десет илјади војници.

Уште една од темите во Истанбул се и односите со Русија. Генералниот секретар Расмусен, и покрај големите разлики во мислењата околу Кавказот, побара потесна соработка, со цел заеднички да се решат безбедносните проблеми во светот.

Автор: Кристоф Хазелбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска