Првите гастарбајтери во Германија
1 февруари 2022Кои се мажите и жените кои ги напуштиле своите земји, кои помогнале да се случи економското чудо во Западна Германија, а за тоа предолго им се придавале премалку заслуги? На тоа прашање се посвети фотографот Мирко Милер.
Меѓу 2018 и 2021 прва година тој сликал над 100 портрети на поранешни „гастарбајтери“ кои дошле во Германија од 1955 година. Милер собирал предмети од нивните животи и ги запишувал нивните приказни. Многу од тоа сега може да се види во рамки на изложбата „За доаѓањето, заминувањето и за останувањето“, која ја постави Центарот за меѓународно културно образование, при Гете Институтот во Манхајм.
Изложбата ја сочинуваат 18 огромни фото-портрети поставени на централни локации во овој индустриски град во југозападна Германија, каде денеска живеат над 170 нации. Посетителите можат да ги гледаат видео интервјуата со протагонистите преку мобилен телефон и КуАр-код, како и во самиот Гете институт.
„Станува збор за тоа луѓето, животните приказни и судбините на поединци да станат видливи зад анонимниот израз гастарбајтер“, објаснува за ДВ шефицата на проектот, Бонка фон Бредов. Изложбата јасно покажува дека не постои некаков типичен гастарбајтер.
Празнина по престанокот на пристигнување на работници од ГДР
Самиот израз „гастарбајтер“ не ги опишува само очекувања на западногерманското општество во 1950-тите, 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите години дека работниците-мигранти по одредено време ќе се вратат во своите земји од кои потекнувааат - и големо мнознинство од гастарбајтерите имале иста претстава. Кога германската влада во 1955 година го потпишала првиот договор со Италија за регрутирање работници, многу малку од нив претпоставувале дека многумина ќе останат, ќе ги донесат своите семејства и ќе станат пионери на модерната доселеничка земја Сојузна Република Германија.
Дотогаш бегалците од социјалистичка Источна Германија го задоволувале гладот за работна сила на западногерманската индустрија. Но, во текот на 50-тите години, одливот на запад се намалувал, за во 1961 година, кога беше подигнат Берлинскиот Ѕид, целосно да запре. Создадената празнина на пазарот на труд ја пополниле, меѓу останатите, 2 милиони италијански работници - мигранти.
Од работник на фарми до работнички совет
Еден од нив бил и младиот Лоренцо Анезе, работник на фарма во јужна Италија. По здравствените прегледи во Бари и во Верона, со воз, преку Минхен, во 1958 година пристигнал до Бокенсдорф, во близината на Волфсбург. Таму требало да работи на фарма, со својот брат кој веќе бил во Германија. Биле сместени во поткровје кое прокиснувало. Вода, како ни бања - немале.
Повеќе: Илјадници нови гастарбајтери од Балканот
Лошите животни услови биле дел од секојдневието за многу гастарбајтери, тоа изложбата, исто така, јасно го покажува. Па сепак, Анезе со задоволство се сеќава на своите почетоци во Германија - делумно и затоа што веќе вториот ден ја запознал медицинската сестра со која 9 години подоцна се оженил.
За да побегне од тешката работа на село, тргнал во потрага по нова работа. „Имав цел да почнам во Фолксваген во Волфсбург. Се пријавував многупати, но секогаш ме одбиваа. Тогаш искористив трик: отидов во 1961 година во обиколка на фабриката како посетител. Се издвоив од групата и отидов во персоналното одделение. Шефот на одделението случајно се појави. Му ја објаснив својата ситуација и тој едноставно ми кажа дека можам веднаш да почнам“, раскажува Анезе. По 4 години бил избран во Работничкиот совет, каде останал сѐ до 1993 година. „Тоа беше тешка работа, главно поради бирократијата. Но, истуркав, бидејќи сакав да им помогнам на други лиѓе. Знам како е кога немаш личност за контакт.“
„Секогаш сакав да се вратам“
„Доаѓање, заминување, останување - тоа го изразува амбивалентниот животен план на многу гастарбајтери, кој главно не бил поврзан со останувањето во Германија“, вели фотографот Мирко Милер. Многумина се вратиле дома. Околу 500.000 од 867.0000 турски работници-мигранти се вратиле во својата земја до 23 ноември 1973 година, кога поради нафтената криза било „запрено регрутирањето“.
Помислата за враќање била постојан придружник на многу печалбари. Така било и со Шпанката Кармен Моранте. Потекнувала од добро семејство и имала само 22 години кога во 1964 година дошла со сопругот, обичен кројач. „По две години полека се прилагодив. Сакавме да останеме само додека не собереме доволно пари да купиме куќа на Гранада. Но, тогаш сепак останавме тука. Секогаш сакав да се вратам. Германија едноставно не ми лежи“, вели Моранте.
„Всушност, не беше моја одлука да одам во Германија“, вели Хизир Ојмак, кој пристигнал во 1972 година. Но, селото се собра и реши да ме испрати таму. Тогаш имав 15 или 16 години. Зошто решив да останам овде? Да се вратев во Турција, сите ќе ме прашаа: Да не те избркаа од Германија?“
Неговата приказна е репрезентативна за многу други приказни за печалбарите кои дошле, останувале или заминувале под притисок или поради очекувањата на нивните семејства или дури и на пошироката околина.
Татковина помножено со два
За луѓето како Хизир Ојмак, останувањето во Германија беше тесно поврзано со нивното сваќање за татковината: „Еднаш разговарав за ова со нашиот градоначалник на Манхајм. Му кажав дека нашите срца чукаат двапати: кога сме во Германија, тие чукаат за Германија, а кога мислиме на Турција, тогаш чукаат за Турција. Ќе бидам искрен, не би сакал да се откажам од ниту една земја. За мене и Германија и Турција се мојот дом“.
Две татковини, две срца. Таков однос кон животот може да се најде во многу приказни на гастарбајтери фотографирани од Милер. „Мораме да научиме дека не станува збор само за оддавање почит кон работата на овие луѓе, туку за нивно разбирање како дел на нашето општество. Без нив не би била возможна германската обнова и економското чудо. А и тие многу силно се идентификуваат со Германија“, резимира Бонка фон Бредов.
Името ме издава
Две срца не бијат само во градите на Хизир Ојмак. И Лоренцо Анезе вели: „Растргнат сум кога ме прашуваат каде е мојата татковина. Во Германија не ми фали ништо материјално, но понекогаш ми фали топлина. Луѓето овде едноставно не се толку отворени и пристапни како во Италија. Одвреме-навреме посакувам луѓето во Германија да бидат малку поблиски едни со други. Но, и покрај сѐ, не може да стане збор за враќање во Италија“.
А Љубица Митровиќ, која на 18 години со сопругот дошла од Србија, односно од Југославија, на тоа гледа вака: „Во меѓувреме оваа земја ми стана татковина. Но тоа сѐ уште е и Србија. Среќна сум затоа што имам две татковини. Морам да им оддадам признание на Германците, кои на сите им даваат фер шанса. Секој кој сака да се вклучи во општеството, ќе успее. Само понекогаш ми е жал што постојано ми се споменува мигрантското потекло. На тоа му нема крај. Со други зборови, името ме издава“.