1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е целта на германските разузнавачи на Косово?

24 ноември 2008

Апсењето на Косово на тројца Германци, како што се претпоставува припадници на германската тајна служба БНД, е една од централните теми за германските весници денеска.

https://p.dw.com/p/G0tr
Тројцата германски граѓани на сослушување кај истражен судија во ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Се’ уште е нејасна заднината на загадочниот бомбашки напад врз бирото на специјалниот патеник на ЕУ во Приштина. Тешко е да се замисли дека притоа во било која форма учествувале и агенти на Сојузната разузнавачка служба“, пишува „Келнер штат анцајгер“, па понатаму во коментарот вели:

„Но, доколку се потврди сомнението против тројцата уапсени Германци, кои наводно се агенти на БНД, тогаш нивните шефови во Берлин ќе мораат во надзорните политички тела да објаснат каква цел всушност следи Германија во лабилното Косово: смирување или натамошна дестабилизација на состојбата.

Притоа, на новата држава во моментов помошта и’ е повеќе од потребна. Долг е списокот на проблеми и актери со дубиозни цели. Не се малкумина оние, кои со криминални средства се обидуваат да ги забрзаат процесите на донесување решенија, во смисла каква што посакуваат. Обвинителството смета дека уапсените Германци сакале да поттикнат безредија, за владата да стане поприемчива во однос на интересите на западните сили-заштитнички. Но, се’ едно кој стои зад нападот. На државата секако не и“ се потребни помошници кои потпалуваат“, коментира „Келнер штат анцајгер“.

Aussenminister Frank-Walter Steinmeier dem BND-Untersuchungsausschuss
Со случајот ќе се занимава и Парламентарната комисија на Бундестагот за контрола на тајните служби: вице-канцеларот Штајнмајер на едно сослушување во комисијатаФотографија: AP

„Зиддојче цајтунг“ известува дека „мажите на возраст од 41 до 47 години се припадници на БНД кои прикриено оперираат. Како и во други земји, БНД и на Косово е застапена не само со официјално пријавени резиденти, туку и со агенти. Разузнавањето на Балканот е едно од тежиштата на БНД. (...) Се’ уште е нејасно зошто толку ескалира шпионската афера. Сојузната влада се надеваше на безгласно решение на проблемот, покрај другото и поради значителната финансиска и политичка помош од Берлин за независно Косово. Германија е меѓу првите држави кои го признаа Косово и е втор најголем донатор на пари по САД. На донаторската конференција во јули германската влада вети 100 милиони евра помош за оваа и наредната година“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Во онлајн-изданието на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се укажува: „Работата на БНД на Косово е значително засилена откако меѓународната заедница во 2003-та година беше изненадена од погромот од припадниците на албанското мнозинство против српското малцинство. Тогаш кај контингентот на Бундесверот во Призрен, покрај другите слаби точки, беше констатирано и недоволно разузнавање на опкружувањето. Од пред некое време БНД е надлежна за цивилно-военото разузнавање во врска со ангажманите на Бундесверот во странство“, известува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“-онлајн.