1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е иднината на германскиот ангажман во Авганистан?

Нина Веркхојзер21 октомври 2008

Седмата година од меѓународниот ангажман во Авганистан носи растечки број жртви и меѓу германските војници. Во јавноста се множат гласовите, кои тврдат дека битката за стабилност на оваа земја повеќе не може да се добие.

https://p.dw.com/p/Fe8V
Вака патролираа и двајцата војници на Бундесверот кои настрадаа вчера во околината на КундусФотографија: AP

Војниците на германскиот Бундесвер можат да бидат уште колку сакаат повнимателни, ама сите мерки на предострожност во крајна линија не помагаат кога се во прашање атентатори самоубијци. Секој Авганистанец кој и’ се приближува на некоја патрола потенцијално може да носи појас со експлозив. Најновиот случај покажува дека напаѓачите не ги спречува дури ни фактот што во близина на патролата си играат авганистански деца.

Одговорноста за атентатот ја презедоа Талибанците. Гувернерот на покраината Кундус тврди дека станува збор за атентатори самоубијци кои доаѓаат од Пакистан, значи бунтовниците имаат развиено добро промислена тактика за целни напади на НАТО силите во Авганистан. Таков непријател тешко може да се победи со воени средства, тоа е како октопод на кој постојано му растат нови краци. Базата за регутирање атентатори самоубијци се чини дека е неограничена.

Дали повеќе војници носат поголема безбедност?!?

Afghanistan Deutschland Zwei deutsche Soldaten und fünf Kinder in Kundus getötet
Колона блиндирани возила од типот „динго“ во близината на германската воена база во КундусФотографија: picture-alliance/ dpa

Одговорот на НАТО е испраќањето уште повеќе војници. Така германскиот парламент минатата недела го продолжи мандатот за воениот ангажман на војниците на Будевсерот за уште 14 месеци и дури на тоа гласаше и за предложеното зголемување на бројот за околу 1.000 нови војници. Како образложение беше наведено дека тие се нопходни поради растечката опасност по безбедноста на германските војници.

Алијансата порачува дека не ни помислува на повлекување од Авганистан, но ваквите и слични самоубиствени напади сепак ја поколебуваат јавноста во земјите што ги испраќаат војниците во странство. Кога во август одеднаш загинаа дури 10 француски војници, тамошната јавност со недели беше потполно шокирана. На Холанѓаните очигледно им е доста од постојаните загуби и планираат наскоро да го напуштат бојното поле во Авганистан.

Bundestag - Sondersitzung Afghanistan
Припадници на Бундесверот ја следат дебатата во Бундестагот за продолжување на мисијата во АвганистанФотографија: picture-alliance/dpa

Дека и во германската јавност се јавува растечки отпор сведочи фактот што при гласањето дури 96 пратеници на Бундестагот се изјаснија против владиниот предлог за продолжување на мисијата. Значи не така мал број од нив не гледа повеќе никаков смисол во оваа воена мисија.

Но, додека политичарите во Берлин можат во најлош случај да згазнат во некоја реторичка клопка, германските војници налетуваат постојано на вистински мини. Тоа ги прави војниците се’ понервозни, така што летоска еден од нив на контролен пункт по грешка застрела една жена со две деца, мислејќи дека во возилото се кријат напаѓачи.

Довербата на локалното население е клучот

Ваквата растечка закана по безбедноста на германските војници во Авганистан води кон нивна се’ поголема изолација од локалното население. Дека ваквата спирала на отуѓување меѓу војниците на Бундесверот и граѓаните во регионот, за чија безбедност се задолжени, не е добра ни за помагањето во обновата на тамошната инфраструктура, тоа не треба никому да му се објаснува.

Schule Abdulah-e Shaheed in Mazar-e Sharif, Afghanistan
Училиште во Авганистан изградено со странска помошФотографија: DW

Офицерите тврдат дека авганистанското население на северот од земјата се’ уште има позитивен впечаток за германските војници и нивната помош во обновата. Но, доколку таа доверба продолжи да се намалува, тогаш тоа може да има далекусежни последици по целокупната мисија на НАТО во Авганистан. Можно е токму поради тој факт Алијансата да ја загуби битката за мирен и стабилен Авганистан, што ја води веќе со години.