1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде oдат белите мачори?

23 февруари 2017

Долгиот пат кон посакуваните промени можат сосема лесно да заврши во кружен тек. Со оглед на поставеноста на партиите и општеството и 20 годишните искуства, реална е дилемата дали лекцијата е навистина научена?

https://p.dw.com/p/2Y7UZ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Горливиот интерес со кој ја очекував годинешната сесија на Минхенската конференција за безбедност во добра мерка спласна по заслуга на насловот на конференцискиот Извештај сведен на "пост-вистинитост, пост-запад, пост-поредок”. Верувам ќе разберете што мојата првична асоцијација е дека Рафиз Алити сигурно се има пост-потресено од сите икања кои го стрефиле два дена по ред, рамо до рамо со подеднакво духовитиот наслов на Дер Шпигел за "Безбедносната конференција за небезбедност”.

Колку и да самата конференција ја има делумно изгубено тежината која ја красеше за време на пост-блоковска Европа и цврстите транс-атлантски спреги, би било претерано  истата да се оцени како манифестација на нејзината пост-релевантност. Сепак, самиот наслов со својата плитка претенциозност и пренагласена драматичност е доволна илустрација за тековната збунетост на политичката мисла и визионерска сиеста на западот зафатен и опседнат со фаталистички алармантности, небаре излезени од порн-катаклизмичните сценарија на Роланд Емерих. Манично-депресивната нота на "пост-моментот” е можеби атрактивен нус-продукт на медиумската трка во конципирање панични форшпани за крајот на светот, но ниту приближно адекватен во согледувањето на долгорочните реалности на балансот на силите и глобалните трендови на развој. Накусо, ниту вистината е минато-свршено време, ниту пак западот тоне во сенка на истокот, ниту пак поредокот издишува пред неодминливиот хаос и анархија која наводно ни чука на врати. Напротив, во сенка на таквите темни тонови западот сеуште не успева да препознае дека сите наведени пост-моменти се нус-производ на сопствениот глобален успех во воспоставувањето на рационалните стандарди на науката како факт, западниот систем на општествено уредување како модел и владеењето на правото како универзален ембрион на секој поредок. Во најлош случај, пост-моментот може да се смета како проклетство на успехот на западот, како родител чии деца низ процесот на созревање и бунтовништво го градат својот карактер на независност и консеквентна благодарност. 

Леснотијата на поразително заклучување дека се е "пост” и дека најдоброто е веќе минато се трендовска мода на часот, почнувајќи од избраните фукујамистички академски прогласи за крајот на историјата, па се до поп-културните суморни реплики на Тони Сопрано дека "се почесто чувствувам дека се вклучив на самиот крај, дека најдоброто е зад нас”.  Но на парадоксален начин, можеби изворот на ваквите драматични чувства не е во визиите за претстојни трагични крахови и распади, туку напротив во нивниот недостаток. Поточно во историски најдолгиот период на глобален мир и развој како нов стандард кон кој човештвото допрва ќе мора да се приспособи и ја прекине наследената периодична опседнатост со Малтусовската логика за судирот и војната како циклична потреба за прочистување на човештвото. По таа линија на размисла, депресивноста на пост-моментот е рефлекс на доминантите и наследени предвидливи про-катаклизмички визии за војните, за разлика од инертните, опортуни и загрижени соочувања со новиот доблесен свет на утилитаризмот како нова глобална реалност на светот растеретен од идеолошки поделби. Или како што Хантингтон ја сумира идеата на Фукујама за крајот на историјата и новата "иднина која нема да биде посветена на големи возбудливи идеи, туку на разрешување на мундани и технички проблеми. Свет кој ќе биде прилично здодевен.”

Гео-политика на сегашноста

Можеби. А можеби не! Оптимистичното согледување на иднината би била ништо повеќе од еуфорична романса доколку не се согледаат и последиците на новиот утилитаризам како логична надградба на илиберализмот. Бидејќи, доколку праксата на меѓузависност како нормативно лепило кое ги држи државите во состојба на мир преку взаемен страв и почит успева да обезбеди долготраен глобален или регионален мир, тоа секако не важи за самите општества кои сѐ уште опстојуваат во состојба на внатрешна конфликтност определена од растечката економска нееднаквост. Притоа, за разлика од богатството на меѓудржавни инструменти за соработка и разрешување на конфликтни состојби, порастот на авторитарноста, илиберализмот и сеопштата ерозија на изборно-претставничка демократија дополнително ги слабее алатките низ кои општествата ги разрешуваат внатрешните судири и обезбедуваат влијание врз власта. Утилитаризмот можеби има лековито дејство врз гео-политиката на сегашноста, но прашање е дали  истиот успех ќе уследи и врз демо-политиката на иднината.

Дотолку повеќе што современата конзумерска култура на успех по секоја цена станува општествена рефлексија на државниот авторитаризам. Впрочем, нѐ изненадува што денешниот омилен слоган на утилитаризмот доаѓа токму од Кина и омилената поговорка на Мао дека "не е битно дали мачорот е црн или бел, туку дали фаќа глувци”. Слоган надополнет со предупредувањето на Мао дека "утилитаризмот ги надминува сите идеолошки разлики, но неговата успешност е можна единствено во општества во кои класите и класните привилегии се елиминирани.” Во денешен контекст кажано, се потенката и размачкана линија на дистинкција помеѓу идеологиите и нивното меѓусебно прелевање до непрепознатливост е сепак половичен успех кој не се одразува врз алармантно се подебелата и драматична линија на поделба според економска (и следствено сеопшта општествена) нееднаквост. Во таквата помама на тотемско славење на (претпоставено) црниот мачор успешен во фаќање глувци, се поставува прашање што се случува со помалку успешниот бел мачор? Отфрлен на маргините на општеството и со тоа принудно ставен во епицентарот на секој иден популизам во повој и солидарна прегратка на недоволно успешните, неприлагодените, накострешените.

Суштински наместо формални интервенции

На извесен начин и не поради причини поради кои би морале да се чувстуваме горди и посебни, Македонија е своевиден микрокосмос на сите овие фактори. Чиј интензитет е дополнително зајакнат поради временскиот и просторен теснец во кој паралелно се одвиваат длабоки социјални, политички, економски и други процеси кои предизвикуваат домашни драми и надворешни љубопитности. Очекуваните промени кои ги посакуваме би останале само замислена желба доколку навреме не ги препознаеме шансите кои се нудат, но исто така и опасностите кои демнеат доколку таквите промени се сведат единствено на формално-административни смени на управата без суштински и превентивни интервенции во нашата симптоматична и ендемска бесперспективност.  

Тековната кохезија на опозицискиот напад кон власта е определена од волшебниот час во кој се поклопуваат страстите на оние кои веќе имаат сѐ, но алчно мотивирани сакаат уште повеќе, следени во чекор од оние од средната класа кои грабаат напред од страв дека ќе потонат во пролетаријатот, и на крај од пролетаријатот кој во превратот гледа животна шанса за пребег во средната класа. Но таа трка во освојувањето на тој мрачен објект на желба наречена власт, се расплинува во часот во кој тој нормален, природен и непрекинлив кружен ток на општествена фотосинтеза се забавува, стагнира и на крај кочи во име на презервирање на статус-квото, предизвикувајќи нов циклус на незадоволство и агресија. Прашање е затоа дали сегашната енергија на анти-режимска поставеност и моментална инспирација е повеќе продукт на споделена, но сепак минлива пизма мотивирана од спротиставување кон власта, или пак резултат на одржливо општествено созревање на граѓаните решени да свртат нов лист?

Научена лекција?

Емоционалниот набој на политичкиот момент ја прави популарна помислата дека созреваме, но повнимателниот увид во внатрешните енергии на опозиционата збратименост налага повнимателно толкување и посебно антиципирање на настаните кои би можеле да уследат. Не треба премногу време и напор за да се увиди дека процесот на бришење на идеолошките разлики помеѓу партиите е сведен на наследени именки, но во реалноста и двата спротиставени десни и леви "идеолошки” кампови се длабоко облеани во боите на утилитарноста, со спорадични – колку да се каже – демонстрации на различност сведени на десничарски фолклор-симболизам и левичарски сини рози. На етнички план пак, додека линиите на поделба остануваат како дистинкција помеѓу двете најголеми заедници, на внатрешен план се случува подеднакво истиот процес на манипулативна идентитетска утилитарност. Реалност која секако позитивно придонесува кон градењето на сплотен фронт на револт и одбивност кон сегашниот автократски режим, но притоа не успева да ја оттргне дилемата за тоа што ќе се случи кога сегашната желба ќе ни биде исполнета?

Дали таа кохезија ќе биде преточена и надградена барем во доволно долгорочна политичка стабилност, ако веќе не во перманетна нова реалност? Популистички популарната наостреност во односот кон криминалот, корупцијата и лошото владеење како симболика на одредена партија (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) но не како предупредување за последиците на сопствените ни лекомислености и "луди верувања без кусур” се алармантни предупредувања дека долгиот пат кон посакуваните промени можат сосема лесно да завршат во кружен тек. Нашата докажана идентитетска ранливост и социјална кревкост не прави податни за такви забрзани залети и уште побрзи падови, токму поради сопствените ни утилитаристички поимања на подршката кон опозициските водства, која ни се враќа со иста мерка од нив и нивните краткорочни третмани на нашиот гнев како еднократна употребна вредност. Со оглед на поставеноста на партиите и општеството и 20 годишните искуства, реална, навремена и предупредувачка е дилемата дали лекцијата е навистина научена?

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач