1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде плови грчкиот брод?

Јанис Пападимитриу/сн8 декември 2015

Европската унија ја зема Грција под лупа и проверува колку земјата напредува во реформските чекори. Премиерот Алексис Ципрас пак во Атина се прикажува нагласено самоуверено.

https://p.dw.com/p/1HJ7n
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Од гледиште на грчката влада сѐ се одвива според планот, па дури и подобро. Грчкиот парламент во ноќта од сабота кон недела го усвои буџетот за 2016 година кој предвидува зголемување на даноците во милијардски износ како и намалување на трошоците. Грција има добри предуслови во средината на наредната година да го зголеми економскиот раст, објасни премиерот Алексис Ципрас за време на парламентарната дебата. Владата како успех ја наведе и рекапитализацијата на грчките банки со помала државна помош отколку што првобитно беше планирано. Службта за односи со јавноста на премиерот необично остро реагираше на текстот објавен во германскиот весник „Велт“ во кој се вели дека Грција заостанува во реформите и оти наликува на брод без кормилар: „Тврдоглавите грчки непријатели“ и натаму се потпираат на „дезинформации и шпекулации“.

Според политичкиот аналитичар Лефтерис Кусулис нема причина за вознемиреност. „Текстот на германскиот весник е во ред. Земјата навистина е без раководство и тоа во смисла дека владата или не работи или не е во состојба да испорача резултати, и останува заробена во стариот ментaлитет. каде во прв ред работи на зачувување на сопствената власт. Дури и во „метафоричка смисла“ може да се каже дека бродот е без кормилар бидејќи раководството е заинтересирано да остане на своите позиции и не му е важно во која насока бродот всушност плови“ . Но многумина во Атина на тоа гледаат поинаку. „Притисок и уцена- кредиторите ја знаат играта“, критикува еден левичарски либерален весник и текстот на весникот од Берлин го означува како „германски Тројански коњ“.

13 конкретни реформи на маса

Јасно и воопшто несокриено е во секој случај барањето на доверителите за проверка на реформските чекори во Грција, кои според првичното планирање требаше да се случи во октомври. Но поради внатрешно-политички причини постојано беше одложувана. Една голема пречка , во секој случај, грчката влада отстрани на крајот од ноември, кога со тесно мнозинство успеа да протурка реформскиот пакет во парламентот и за возврат ја доби наредната кредитна транша од две милијарди евра. Сега најверојатно до 11 декември треба да бидат усвоени нови реформи- вклучително и спорната реформа на платите во јавниот сектор и политички непосакуваната приватизација на една државна енергетска компанија. За тоа би требало да следува нова кредитна транша од една милијарда. Покрај тоа до крајот на јануари се очекува и концепт за реформа на пензискиот систем. Во последно време кредитите за Грција и без тоа се исплажаат во сѐ помали рати и само како противуслуга за сосема конкретни и реформски чекори кои можат да се контролираат.

Griechenland Öffnung der Banken in Athen
Фотографија: Getty Images/M. Bicanski

Уште пред усвојувањето на најновиот пакет за штедење во ноември, доверителите извршија притисок врз Атина, да расчисти со отворените прашања- очигледно со успех. Политикологот Кусулис верува дека кредиторите сега повторно ќе го зголемат притисокот, додека премиерот Ципрас бара слободен простор за маневар. Во суштина грчките власти ќе бидат принудени да спроведат по некоја реформа , со оглед дека во моментов не можат да си дозволат нова криза и спор со Европа, вели аналитичарот. Според него меѓутоа станува збор само за тактичко повлекување. „ Владата сепак самата кажува дека не се согласува со многу реформи и со тоа сигнализира дека тие нема да бидат спроведени. Сметам дека таа сака да игра на време за да може државниот апарат да го стави под сопствена контрола. Кога условите ќе изгледаат поволни таа ќе се осмели на нова конфронтација и притоа истотака ќе се откаже од исплатата на една договорена кредитна транша“.

Стремење кон консензус

За да може да ги спроведе преостанатите спорни реформи, левичарскиот премиер Ципрас за време на дебатата за буџетот во Атина апелираше за широк натпартиски консензуз за неговиот економски курс. Веднаш доби повеќе откажувања- со укажување дека и самиот како шеф на опозицијата при секоја пригода ги торпедирал можните консензуси. На ова Ципрас одговори со напад пред сѐ во насока на најголемата опозициска партија, Нова Демократија, која според него би требало да се подготви за четири мачни години во опозиција.

Оваа напомена не изгледа сосема погрешно, со оглед дека некогаш моќната конзервативна партија, во моментов остава навистина тажен впечаток. Откако изборот на нов претседател на партијата беше откажан на крајот на ноември поради компјутерска грешка, преодниот претседател Евангелос Меимаракис се повлече, меѓутоа на лидерската позиција го искачи неговиот политички сојузник Јанис Плакиотакис. Сега тој работи на својот камбек, додека најмалку уште тројца сопартијци од тешка категорија се обидуваат да го спречат во тоа.