1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

И ти си Игор Спасов

3 февруари 2021

Првата изгубена битка е кога пламенот на идеалот ќе згасне. Втората кога ќе станете рамнодушни. Третиот и најголем пораз доаѓа кога ќе заборавите за што сте сакале да се борите.

https://p.dw.com/p/3oo6z
Deutschland Symbolbild Razzia Festnahme
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Roessler

Беше осуден на 14 години затвор. Со привремен прекин на казната надвор од затвор помина речиси 14 месеци. Во бегство беше од есента 2019 година. Уапсен е во Софија пред два дена. Неговото име е познато - Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите во 2011 година. Имињата на оние кои му го овозможиле бегството, сѐ уште не се откриени.

Додека надлежните го подготвуваат барањето за негова екстрадиција, а јавноста лицитира дали Бугарија ќе ни го испорача или не, без одговор и натаму останува најважното прашање: како Игор Спасов избега од Македонија?

Ако почнува процес на филтрација во правосудството, овој случај е одличен пример за итна вивисекција. Во македонската политичка и правосудна практика досега продефилираа многу братучеди, кумови, шури и баџанаци. Шуро-баџанаковизмот, како што тривијално се нарекуваат роднинските спреги од интерес, распослани и поврзани на разни позиции во трите „одвоени“ власти, со години ја потврдуваат изреката дека сложни попови и во петок мрсат.

Повеќе:

-Пет години од убиството на Нешковски: казна за сите злосторници!

-„Тигарот“ Спасов осуден на 14 години затвор

-Расветлено убиството на 23-годишниот Мартин Нешковски

Во случајот со бегството на Спасов, под лупа требаше да се стави постапката на судии, а иако имаше таква најава, нема одговор дали тоа е направено од страна на Судскиот совет. Нема податок ни до какви сознанија дошло Обвинителството од Штип, кое требаше да оформи предмет за овој случај. Ако оформило.

За полициски специјалец, како што беше Спасов, со имиџ на лица кои се во континутран тренинг за силна физичка и здравствена кондиција, тој се покажа како антипод на таа слика: со привремен прекин на казната надвор од затвор помин 14 месеци, заради потреба од разни здравствени третмани. Од што сѐ  оледувал? Реално или фиктивно? Ги проверувал ли некој лекарските наоди или само ги аминувал?

Нема одговор, а тоа е клучно во случајот. Бидејќи, покрај тоа што судии му одредувале на Спасов прекин на издржувањето на казната затвор заради лекарски третмани, наодот за потреба од оперативен зафат ја дал лекар, кој е баџанак на Спасов. Точно е дека пациентите сами може да избираат каде ќе да одат на преглед, и дека лекарите не може да вратат пациент. Ама белким има некој што требало да исконтролира дали се можни злоупотреби во таа баџанаковистичка околност.

Дотолку повеќе што Спасов не се јавил на закажаниот оперативен зафат, а токму врз основа на потребата од таа интервенција, му било издадено и лекарско мислење дека постоперативниот период треба да му трае два месеца во домашни услови.

Очигледно е дека Спасов добил на подарок многу време. Тој навистина се подготвувал за операција, ама не хируршка, туку бегалска. Според хронологијата на таа игра „мачка- глушец“, надлежните имале доволно време да увидат дали зад здравствените планови се кријат други намери.

Пред битката за екстрадиција, прво мора да стигне институционалниот одговор дали здравствените работници инволвирани во случајот постапиле правилно, и дали правилно постапиле судиите кои му го продолжувале прекинот на казната заради наводни здравствени потреби.

Ако нема таков отчет, сите се Игор Спасов: не само тој што избегал од земјава, туку и тие што му овозможиле услови за тоа, како и тие што не се соочиле навреме со својата професионалната одговорност за навреме да спречат пропусти.

Во 2019 година, властите многу гласно бараа одговорност за овој случај. Тој ќе паднеше во уште поголем заборав, доколку Спасов не беше уапсен во Софија. Заборавањето е лош сојузник, бидејќи открива лесно и неодговорно откажување од целите.  

Велат, упсешни се сите битки ако за нив силно тлее идеалот. Првата изгубена битка е кога пламенот на идеалот ќе згасне. Втората кога ќе станете целосно рамнодушни. Третиот и најголем пораз доаѓа кога ќе заборавите за што всушност сте сакале да се борите.