1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И по изборите во Хрватска сѐ по старо?

Вук Тешија / ЕМФ10 септември 2016

Предизборната кампања во Хрватска дополнително ги влоши односите на Хрватска и Србија. Набљудувачите велат дека тие се на најниско ниво во последните 15 години. Изгледите за подобрување се лоши и по изборите во Хрватска.

https://p.dw.com/p/1JziV
Фотографија: Reuters/Bronic

Односите меѓу Хрватска и Србија се на исклучително ниско ниво. Власта во Србија употребува антихрватска реторика веќе извесно време, ја користи секоја можност, изјава или годишнина да се „осврне“ на Хрватска. Во екот на кампањата за утрешните парламетарни избори и во Хрватска тема стана - Србија.

Претседателот на СДП Зоран Милановиќ преку медиумите полемизира со српскиот премиер Александар Вучиќ, а во јавноста излегоа снимки на кои Србија ја нарекува „шака јад“. Тензиите постојано се поттикнуваат од двете страни. Аналитичарите тврдат дека односите малку ќе се поправат откако ќе минат изборите, но проблемот е што „на овие простори секогаш некој е во кампања“.

Kroatien Zagreb Wahlampf - Zoran Milanovic
Зоран МилановиќФотографија: Reuters/A. Bronic

„Кога ќе завршат парламентарните избори во Хрватска, доаѓаат локалните избори во БиХ (а претходно и референдумот во ентитетот Република Српска), до крајот на годината следуваат изборите во Македонија, во која врие македонско-албанскиот котел, напролет стигнуваат и претседателските избори во Србија. Тоа е судбината на поранешниот југословенски простор. Политичките олигархии или самонаречените политички 'елити' се хранат една со друга со 'омраза' кон соседите, но таа омраза не е вистинска, таа е повеќе 'валута', би рекол дури и поттик на 'непријателите и 'пријателите' - наречете ги како сакате - преку граница'“ оценува Цвијетин Миливојевиќ, белградски политиколог и стручњак за односи со јавност. Негово мислење е дека работите нема да се променат додека притисокот не дојде „одоздола, од базата, што би рекл Маркс“. Сепак, тој додава дека работите малку ќе се смират по изборите: „Со оглед на тоа што Хрватска повремено му покажува мускули на Белград, потсетувајќи го дека без хрватското 'да' нема влегување на Србија во ЕУ, може да се очекува дека оние кои навистина одлучуваат во ЕУ, по изборите ќе ја притиснат новата хрватска влада малку да ја олади реториката кон хипер-кооперативниот Вучиќ и да го пушти малку да 'дише', со оглед на тоа што освен актуелната криза во српско-хрватските односи го чекат туште и жешкото прашање на Косово или притисокот да воведе санкции кон Русија.“

Serbien Belgrad - Cvijetin Milivojević Politologe
Цвијетин МиливојевиќФотографија: Privat

Без соочување со минатото, нема нормална политика

Политикологот Перо Малдини, професор на универзитетот во Дубровник, исто така оценува дека односите на Загреб и Белград се лоши, но тоа не го поврзува со изборите во Хрватска. „Мислам дека причината и контекстот на оваа ескалација се некаде на друго место. Проблемот, пред сѐ, е во тоа што Вучиќ и Дачиќ, некогашни потрчковци на Шешељ, односно Милошевиќ, и по низа години се и натаму експоненти на великоспрската политика, наспроти формално деморкатскиот легитимитет кој го имаат денес.“ Професорот Малдини смета дека е жален фактот што во Србите во сите овие години не се се случило соочување со минатото, како во Германија по Втората светска војна. „По освојувачките војни кои Србија ги водеше против соседните републики, никој не им наметна, а ниту пак тие поради дневнополитички причини некогаш покренаа соочување со великосрпската политика на Милошевиќ и последиците кои таа воена агресија им ги донесе на соседите, па и на самите Срби. Оттука, српската политика, во неможност да артикулира една нормална политика, и натаму произведува 'надворешен непријател' олицетворен во Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и.т.н.“, вели Малдини.

Serbien Belgrad - Dr. Pero Maldini Politologe
Перо МалдиниФотографија: Privat

Страв и несигурност на Хрватите во Србија и на Србите во Хрватска

Соработката на Хрватска и Србија во моментов е на најниско ниво во последните 15 години уверен е Војислав Станимировиќ, претседател на Самостојната демократска српска партија. Тој вели дека кај српската заедница во Хрватска веќе три години се чувствува зголемен интензитет на страв и дека сега тоа пред избори е интензивирано. „Тоа не се очекуваше, макар од страна на СДП, но очигледно е дека СДП се обидува да придобие дел од десното избирачко тело и таа реторика насочена кон Србија се рефлектира врз нашата српска заедница“, потенцира Станимировиќ. „Таа реторика и натаму анимира дел од избирачкото тело, особено сега во Хрватска, а Србија возвраќа од свои политички причини.“

Политичкиот претставник на Хрватите во Србија, Томислав Жигманов, претседател на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, зборува многу слично како и претставникот на Србите во Хрватска. „Се чувствува страв и несигурност, се намалува подготвеноста јавно да учествувате во просторот на општествени случувања. Различни облици на неповолен однос било во јавноста, адмнинстрацијата или структурите на власт се чувствуваат секојдневно“, нагласува Жигманов. Според него, најлошо е тоа што не се прават гестови кои ќе придонесуваат за разрешување на споровите. „Најголемиот дел од гестовите, постапките, изјавите, служат за внатрешна употреба, било да е тоа за собирање гласови на изборите, за вртење на вниманието од економските неуспеси или поради некои други причини“, вели претставникот на Хрватите во Србија.