1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирак и неговата „армија на духови“

Керстен Книп/ Жана Ацеска1 јануари 2015

Корупциски скандал ја потресува ирачката армија. Биле исплаќани плати за десетици илјади војници, кои воопшто не постоеле. Ова го објаснува и неуспехот во борбата против терористичката милиција Исламска држава.

https://p.dw.com/p/1Dy97
Фотографија: REUTERS

Во јуни 2014 година ирачката војска не се прослави, во борбата за градот Мосул околу 60.000 ирачки војници беа победени од околу 1.200 борци на Исламска држава, без да пружат некаков позначаен отпор. Терористичката милиција со своето најмодерно оружје како виор ги помина и ги натера војниците во бегство. За ирачката армија тоа не само што беше катастрофален воен пораз, туку и горчливо губење на угледот. Војниците загубија од противник кого по бројноста многукратно го надминуваа.

Така барем се чинеше досега. Но, на викендот ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади во ирачкиот парламент даде објаснување, кое можеби и битката кај Мосул ја става во поинаква светлина. Дали регуларните ирачки војници навистина беа толку бројно понадмоќни во однос на терористите? Или нивниот број беше многу помал отколку што досега се сметаше?

Повод за овие претпоставки даваат бројките презентирани од Ал-Абади. Според нив, Министерството за одбрана во своите листи водело околу 50.000 војници, кои всушност се само ливчиња во картотеката. Од официјално 170.000 бројната ирачка армија, околу една третина се „војници-духови“, така во ирачкиот јазик се нарекуваат војниците со измислени имиња или веќе загинати, но за кои и натаму се вршела исплата на пари.

Nuri al-Maliki Rücktritt
Екс-премиерот Нури ал-МаликиФотографија: picture-alliance/AP Photo

Огромни проневерени суми

На ваков начин проневерените суми достигнуваат гигантски размери. Обичен регрут во ирачката армија на почетокот од својата воена служба добива најниска плата од околу 600 американски долари. Платите растат соодветно на рангот и чинот. Ако сето се земе во предвид, сумата на неправилно исплатените пари достигнува вкупно најмалку 380 милиони долари.

„Но, износот може да е и трипати повисок“, вели ирачкиот политичар Хамид ал-Мутлак, член на ирачката Комисија за одбрана во интервју за „Вашингтон пост“. Зашто, не е исклучено да бидат најдени натамошни листи со непостоечки војници.

„Ирачките каси се ограбени“. Корисници на овие пари очигледно биле ирачките офицери. Во нивните документи тие наведувале повеќе имиња отколку што навистина имало војници.

Овие каси во голем дел биле полнети од американските даночни обврзници: меѓу почетокот на американската инвазија во 2003 година до повлекувањето на Американците во 2011 година, САД инвестирале околу 20 милијарди долари во вооружување и обука на ирачката армија. Идната година Вашингтон планираше исплата на уште 1,2 милијарди долари.

Haider Abadi
Новиот ирачки премиер Хајдер ал-Абади пред тешки искушенијаФотографија: AFP/Getty Images

Обвинувања за корупција против екс-премиерот Ал-Малики

„’Војниците-духови’ се една од причините за шокирачкиот слом на ирачката армија во борбата против Исламска држава“, објаснува ирачкиот политичар Мохамед Отман ал-Кади во разговор за интернет-магазинот „Ал монитор“.

Уште додека Нури ал-Малики беше на власт, до август 2014 година, постојано стигнуваа обвинувања за корупција, не само на сметка на ирачката војска, туку и на сметка на владата. Кабинетот на Ал-Малики беше обвинуван и за водење еднострана политика во корист на ирачките шиити, со што сунитското население на ваков начин го наведуваше во рацете на Исламска држава, која исто така е сунитска.

IS Terrormiliz Mossul Irak
Терористите од Исламска држава во борбата за МосулФотографија: ap

Низок борбен морал

„Ако владата на Ал-Малики била корумпирана или ги спротиставувала меѓусебно шиитите и сунитите, или пак ги ги вршела двете работи истовремено, големи делови од населението се чувствуваат обесправени и понижени, независно што локалните сили за безбедност се обидуваат да го порамнат овој дефицит“, гласи цитататот на американската советничка за безбедност Сара Чејс во американскиот интернет-магазин „Глобалсекјурити“.

Со својата политика Ал-Малики очигледно го поткопал и моралот на ирачката војска, во која доминираат сунитите. Војниците може да бидат добро опремени и тренирани, но тоа не вреди ништо, ако тие не се подготвени да се впуштат во опасни борби, истакнува Стивен Занес, политиколог и професор на Универзитетот во Сан Франциско.

„За жал, владата на Ал-Малики принуди толку многу луѓе да се одречат од неа, што во населението веќе ја немаше неопходната поддршка за војниците да бидат спремни да го стават на коцка својот живот“.

Најновиот корупциски скандал со сета острина покажува каде се лоцирани недостатоците на ирачката војска: не во оружје, туку во недоволен борбен морал. А токму градењето на борбениот морал е најважната задача која треба да ја совлада премиерот Хајдер ал-Абади.