1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инсекти: Здрави и богати со протеини, но не за сечиј вкус

И.Дхонт/ А.Трајковска 4 септември 2014

Иако во некои делови на светот е разбирливо само по себе да се јадат инсекти, на европското мени за нив нема место. Во Брисел се формираше и направи име старт-ап фирмата „Bugs in Mugs“, која нуди грицки со инсекти.

https://p.dw.com/p/1D3fW
Фотографија: Georgios Angelou

Ражен со скакулци и домати, црви на кускус со карфиол или како додаток во киш. Тоа се креации на „Bugs in Mugs". Малото претпријатие од Брисел сака да ја популаризира кујната со инсекти во Белгија. Инсектите се сметаат за посебно здрави, полни со протеини и витамини. Тие би можеле да помогнат да се решат проблемите со исхраната во иднина.

„Се вели, 2050 на Земјата ќе живеат 9 милијарди луѓе, а тие нема да можат да се прехранат само со традиционалното земјоделство. Ние мораме да најдеме алтернативи и инсектите се една можност“, вели Оливије Ботман основач на „Bugs in Mugs“.

Белгијците не се единствени во Европа кои се занимаваат со оваа тема. Во соседна Франција. Тие пронајдоа место и во екслузивниот ресторан „От Кузин“, како предјадење или како десерт.

Белгијците бавно се убедуваат. Кај „Bugs in Mugs“ има варијанти како чоколадни бисквити со штурци. Како грицки тука се нудат дури и чисти црви.

„Во бисквитите се измешани со чоколадо, па инсектите малку можат да се вкусат. Штурците имаат помалку вкус како кикирики“, вели една жена.

„Добро е, забавно, како јаде и окото. Прво се гледа смешниот црв, но на крајот е вкусно“, дополнува друга жена.

„Bugs in Mugs“ работи со сушени и смрзнати инсекти. Целта е што е можно повеќе луѓе да се убедат дека тоа е здрава храна.

Гајл Бри, косопственик на „Bugs in Mugs“ подвлекува

„Тоа е премногу ново, луѓето не се навикнати на инсектите. Затоа ги ставаме во убави и вкусни јадења, кои се слични по вкусот, на она што им е познато на луѓето.“

Додека кујната со инсекти вистински се пробие во Европа, ќе треба да се мине долг пат. Барем овде во Брисел многумина се сѐ уште скептични. Потоа сепак се продава еден сендвич со инсекти и киш со црви.

„За мене ова беше првпат. Да, добро беше, не осетив никаков посебен вкус“, вели еден гостин. „Ги видов црвите и прво се уплашив. Но, тие беа крцкави со вкус на ореви и да, се вели дека биле добри за здравјето“, дополнува жената.

На оние на кои им е вкусно, „Bugs in Mugs" грицкалки и сушени инсекти продаваат и за носење.