Името останува услов за влез во НАТО
15 јануари 2010Земјата се подготвува во март да испрати и воени инструктори кои ќе ги обучуваат авганистанските сили и тоа во една од најризичните зони во Авганистан. И за Брисел и за НАТО ова е доказ дека Македонија ги почитува преземените обврски кон Алијансата иако не е полноправна членка.
Расмусен очекува од Грција и Македонија да покажат прагматичност и инвентивност во решавањето на спорот, а Груевски ја префрли одговорноста кај Грција. Се чини дека нема никакво поместување по ова прашање.
„Го цениме напредокот во Акцискиот план за членство како што го цениме и учеството во нашите мисии во Авганистан, но морам да истакнам дека е предуслов за натамошен напредок во нашите односи да се пронајде заеднички прифатливо решение за името, и за ова нема скратени патишта. Ние јасно кажавме на самитот во Букурешт во 2008 ќе започнеме преговори за членство со Скопје штом се дојде до заеднички прифалтиво решение. Овој проблем е пречка и ги повикувам двете страни да покажат прагматичност“, рече Расмусен во Брисел.
Груевски, пак, со оценка:
„Очигледно е дека најголема улога игра Атина и волјата на владата во Атина да го реши спорот и да престане да не‘ блокира. Слушам овде во НАТО дека вратите се отворени, но согласно правилата воНАТО треба да има консензус и треба сите земји членки да гласаат за. Доколку една земја е против - нема членство! Тоа ни‘ се случи. Ја гледам одговорноста кај земјата што блокира.“
Расмусен и Груевски поминаа 20-тина минути очи в очи денеска, но никој не ги соопштува деталите од средбата, која се случи по барање на македонскиот премиер.
Ова е првата средба на Груевски со Расмусен откако тој стана генерален секретар на Алијансата минатата година.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска