Израел им одаде почит на жртвите од холокаустот
2 мај 2008
Точно во 10 часот претпладнето одекнаа сирените за тревога ширум целата земја. Јавниот живот запре, возачите излегоа од автомобилите, минувачите застанаа на улиците, а вработените во канцелариите и наставниците и учениците во училиштата станаа од местата во знак на почит на жртвите на холокаустот. Веднаш потоа во Парламентот се собраа водечките израелски политичари на централната комеморативна свеченост.
На традиционалното читање на имињата на најблиските кои не го преживеале ужасот на холокаустот му се придружија и претседателот на државата Шимон Перез и премиерот Ехуд Олмерт. 84-годишниот носител на Нобеловата награда за мир, Перез ги спомна своите најблиски:
„Во сеќавање на моите кои заедно со уште 2060 граѓани од малото гратче Вишнива паднаа како жртви на масакрот на нацистите во август 1942-та година. Тие беа втурнати во дрвената синагога во местото и таму беа застрелани.„
Холокаустот не смее да се повтори
Во рамките на комеморативните свечености во меморијалниот центар Јад Вашем, Перес предупреди од акутната опасност што се заканува од Иран. Тој индиректно го спореди иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад со Адолф Хитлер и порача дека светот на времето предоцна ја сфатил опасноста. Тоа не смее да се повтори, побара Перес нагласувајќи дека не му е јасно како германскиот народ можел да избере еден лудак во 30-тите години од минатиот век и подоцна да не се спротистави на убивањето на улица.