1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгор лето во Македонија и на Балканот

14 јули 2011

Топлото време ќе траe најмалку три дена. Владата порачува лицата кои работат на отворено да избегнуваат активности во периодот меѓу 11 и 16 часот. Македонија не е единствена. На високи температури се жалат и соседите.

https://p.dw.com/p/11v01
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер и температури од 30 до 40 степени - предвидува Хидро-метеоролошкиот завод. За граѓаните тоа значи вонредни тропски услови, промена во секојдневните рутини, па дури и проблеми со здравјето.

Владата вчера одржа посебна седница во врска со топлотниот бран што од денеска ја зафати Македонија. На работодавците им се препорачува во следните три дена да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено, со тоа што ќе се одбегнуваат активностите во периодот од 11 до

16 часот. Покрај тоа, од работни обврски би требало да се ослободат и бремените жени, како и лицата постари од шеесет години.

Жртви во Хрватска

Грчкиот национален метеоролошки центар соопшти дека температурата денеска ќе достигне до 39 степени, а во наредните денови не се очекуваат поголеми температурни осцилации. Поради стравот од пожари, државните служби се во состојба на готовност. Во последните 24 часа ширум Грција регистрирани се 70 пожари, но моментално сите се под контрола.

„Тропски бран“ ја зафати и Хрватска, носејќи со себе и човечки жртви. Хрватските медиуми јавуваат дека во поширокиот регион на Задар последните денови се забележани осум, а во источна Славонија, каде температурите во просек се највисоки, уште три жртви. Службата на брза помош во голем број места има двојно повеќе интервенции, а граѓаните ги повикуваат заради вртоглавица, слабост и срцеви и невролошки проблеми.

Flash-Galerie Unsinnige EU-Richtlinien
Да се избегнува работа на отворено и да се конзумираат течности, најдобро водаФотографија: DPA

Рекордна потрошувачка на струја во Србија

И метеоролошката служба на Србија јавува за температури близу до четириесеттиот степен. Српското Електростопанство соопшти дека на 11. јули е забележана рекордна потрошувачка на електрична енергија во летните месеци, како резултат на се` поголемиот број клима-уреди во земјата.

На удар е и Босна и Херцеговина, но според податоците од службата за итна помош засега нема поголеми проблеми, затоа што граѓаните главно се придржуваат до упатставата на лекарите. Слично е и во Црна Гора, каде вчера беше најтоплиот ден во последните 50 години.

Лекарите советуваат голема претпазливот во текот на топлите денови, избегнување одење надвор од 11 до 17 часот, како и конзумирање на многу течности и лесна храна. Метеоролозите најавуваат дека топлото време под влијание на т.н. африкански бран ќе се задржи до крајот на неделата со температури близу 40 степени целзиусови.

За разлика од Балканот, метеоролозите во Германија говорат за „есен среде јули.“ Температурите ширум земјата денеска се движат меѓу 16 до скромни 22 степена.

Автор: ТТ/ГЧ/миа, макфакс, бета

Редактор: Борис Георгиевски