1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите без избор ќе ја одолговлечат кризата

Никола Ќурчиски17 мај 2016

Изборите на 5 јуни кои сака да ги организира Груевски ќе бидат прогласени за нелегитимни и дома и надвор, и само ќе го одолговлечат решавањето на кризата, смета Никола Ќурчиски.

https://p.dw.com/p/1IpDq
Фотографија: Petr Stojanovski

Организирањето избори на 5 Јуни може да се покаже како многу битен елемент за динамиката на разрешување на кризата во Македонија, иако на прв поглед не изгледа така. Доколку се одржат избори на 5 Јуни, целиот процес на разрешување на кризата ќе трае доста подолго. Самиот Груевски изјави дека после изборите на 5 Јуни, веднаш ќе има уште едни избори. И сега секој ќе си постави логично прашање: тогаш зошто да правиме веднаш избори по избори и да потрошиме дополнителни 7,5 милиони евра, кога може да направиме само едни избори? А гледаме дека владата веќе не наоѓа лесно 7,5 милиони евра. Бараше пред некоја недела на домашниот пазар да се задолжи толку, а доби околу 5 милиони.

Груевски воопшто не се потресува поради тоа што сам ќе оди на избори, во овој случај тоа му оди во прилог. Ќе има доста пречки до остварување на таа негова цел- да има апсолутно мнозинство во Парламентот (под апсолутно мислам 100%), но ја посакува повеќе од било кога претходно. Таквиот еднопартиски Парламент ќе биде апсолутно нелегитимен и внатре во државата и вон нејзините граници, но Груевски во тој Парламент ќе има апсолутна контрола и сам ќе може да одлучува кога да се распишат наредните избори. Во таков случај единствено со него ќе мора да се преговара за техничкото распуштање на таквиот еднопартиски Парламент, нема да има друга страна, како што е сега, а тоа ќе му ја засили преговарачката позиција.

Russland Mazedonien Nikola Kjurchiski
Фотографија: privat

Зајакнување на преговарачките позиции

Не верувам дека Груевски таквото мнозинство ќе го користи за да го укине СЈО или да направи други радикални чекори, бидејќи така ризикува да го доведе гневот на граѓаните вон контрола. Ваквиот Парламент ќе биде транзициски, преку кој Груевски ќе сака единствено да ги зајакне преговарачките позиции и да ги натера сите останати да мора да преговараат со него. Дополнително, на ваквите избори ќе бидат натерани да излезат сите оние кои се во клиентелистичка врска со владејачката партија. Во зависност од нивната излезност, Груевски ќе може да го искористи моментумот за дополнително охрабрување на сопственото членство за изборите кои потоа ќе следат, рекламирајќи се дека има широка поддршка од македонскиот народ. Груевски нема да може да биде премиер во владата изгласана од еднопартискиот Парламент бидејќи ќе нема кој да го замени како пратеник, но ќе ужива во пратеничкиот имунитет.

Веќе утре има седница на Уставен суд, на која ќе се разговара за уставноста на одлуката за распуштање на Парламентот, ако ја прогласат одлуката за противуставна, тогаш Парламентот ќе се врати и може да се формира ново мнозинство со сите партии без ДПМНЕ и коалицијата која му остана. Тоа ново мнозинство, може да ја поништи одлуката за избори на 5 Јуни и да закаже избори кога тоа ново мнозинство ќе мисли дека има услови. Може да се направи и нова влада без ДПМНЕ, која ќе има мандат до новите избори. Таква влада ќе биде опасна за Груевски, бидејќи така ќе почне да ја губи контролата над институциите, а во овој момент таквиот луксуз не може да си го дозволи. Дополнително ДИК ќе треба да се изјасни дали може да се оди на избори или не, а последните информации говорат дека потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца заминал на 10 дневно патување надвор од државата.

Пречките со кои ќе се соочи Груевски кон остварувањето на оваа цел ќе бидат големи. Прво, можно е утре Уставен суд да ја прогласи одлуката за распуштање на Парламентот за неуставна. Второ, технички ќе биде тешко да се спроведат изборите на целата територија на Македонија. Во средините каде што има целосно албанско население, ќе биде многу тешко да се организираат избори, бидејќи луѓето што живеат таму тоа веројатно нема да го дозволат. Исто така е доста веројатно и во другите места да се случи истото, бидејќи не може да се претпостави како ќе реагира народот на организирање избори на кои ќе учествува само една партија. Во таквиот случај самата смисла на зборот 'избори‘ се губи целосно (избори значи да се има избор барем од најмалку две опции). Но, хипотетички да претпоставиме дека технички и ќе се спроведат некако изборите, тогаш со сигурност тие ќе бидат нелегитимни и не признаени од сите внатрешни и надворешни фактори активно вклучени во кризата, освен од оние кои ги организираат и учествуваат на тие избори.

Никола Ќурчиски е докторант на политички науки на Руската Претседателска Академија во Москва.