1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИД ја става Турција во дилема

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска10 септември 2014

Турската влада се најде под притисок поради тоа што терористичката милиција Исламска држава користи дел од турската територија. САД сакаат да состават меѓународна анти-ИД алијанса, но Анкара се колеба.

https://p.dw.com/p/1D9eL
Фотографија: picture-alliance/abaca

Кога борците на Исламска држава (ИД) во јуни го зазедоа градот Мосул во северен Ирак, дипломатите во турскиот конзулат во градот предолго се колебаа. Џихадистите го опколија дипломатското претставништво и се заканија дека ќе пукаат. Непосредно потоа Турците се предадоа. ИД како заложници земаа 49 лица - дипломати, вработени во конзулатот, како и членови на нивните семејства, меѓу кои и повеќе деца.

За да спречи јавна дебата за киднапирањето, турската влада воведе забрана за информирање. Сепак, до јавноста стигнаа некои детали. Според наводи на опозиционата партија ЦХП, заложниците се држени во три групи, за да се отежнат евентуални обиди за бегство. Владата на премиерот Ахмет Давутоглу соопшти дека е познато местото каде што се наоѓаат заложниците, но дека не треба да се очекува нивно брзо враќање дома.

Анкара ја потцени ИД

Анкара прво ја третираше ИД како група која се бори против сирискиот претседател Башар ал-Асад и против курдските стремежи за автономија во Сирија, но не ја сфаќаше навистина сериозно, напиша колумнистот Русен Чакир во весникот „Ватан“. Во рамки на турската поддршка за противниците на Асад, екстремистичките групи како ИД профитираа од тоа што туските власти не гледаа доволно прецизно на движењата на границата со Сирија.

Тоа на борците од Блискиот Исток, Кавказот и од Западот им овозможуваше во текот на минатите години да стигнат преку Турција до Сирија, каде им се приклучуваа на ИД и на други исламистички милиции. Во Сирија на овој начин стигнуваше и оружје.

zur Nachricht - Konsulat im Irak gestürmt und fast 50 Menschen entführt
Мосул, ден по нападот врз турскиот конзулат во јуни 2014-таФотографија: Reuters

Оружје и борци во една, дизел во друга насока

Западот е соодговорен, барем кога станува збор за пополнување на редовите на ИД со нови борци, изјави за ДВ инсајдер во Анкара. Турските безбедносни власти, при 30 милиони туристи годишно, не можат да знаат кој е преправен како турист, а всушност сака да замине во војна. Борците на ИД често легално патуваат со своите пасоши од ЕУ во Турција, а потоа во мали групи се префрлаат преку граница во Сирија, напиша пролетта гувернерот на турската погранична провинција Хатај, Џелалетин Лекесиз, во еден извештај до кој стигнаа медиумите.

Додека преку Турција во Сирија стигнуваат борци и оружје, во обратната насока патува гориво. Дизелот во Турција се шверцува од регионите кои се под контрола на ИД. Турската армија во пограничниот регион, според сопствени наводи, наодамна за само две недели запленила повеќе од 15 тони дизел. Медиумите пишуваат дека ИД со шверцот заработува до 15 милиони долари месечно.

Анкара го менува ставот

Во меѓувреме, се менува турскиот став кон ИД. Причина за тоа е напредувањето на џихадистите во Ирак, кое му нанесе огромни штети на турскиот извоз. Истовремено, во последно време се множат критиките на западните партнери поради колебливиот однос на Турција кон ИД. Синан Улген, шеф на истанбулската тинк-тенк организација ЕДАМ, неодамна во една анализа напиша дека турската влада стравува дека ИД би можела да почне со терористички напади во Турција.

Поради тоа, зајакната е контролата на околу 900 километри долгата граница кон Сирија. Според Улген, турската влада значително го зголемила бројот на одбивања на барањата за влез во Турција на лица за кои постои сомневање дека се џихадисти и тоа од илјада лица на почетокот на годинава на 5.300 половина година подоцна. Експерти како Улген препорачуваат потесна соработка на турските и западните тајни служби. Но, што се однесува до некои порешителни чекори против ИД, како во воената сфера, Анкара е ставена во шах-мат позиција по земањето на заложниците во Мосул, напиша Чакир.

Türkei USA Verteidigungsminister Chuck Hagel bei Tayyip Erdogan in Ankara
Хејгл не доби конкретни ветувања од ЕрдоганФотографија: Reuters/K. Ozer/Presidential Press Office

ИД ги користи заложниците за да ја спречува Турција во преземање на порешителни мерки против милицијата. „На Турција и‘ се врзани рацете“, оценува за ДВ експертот за Блискиот Исток, Сердар Ердурмаз од универзитетот „Хасан Калиончу“ во Газиантеп. Според него, секој погрешен потег на Анкара може да ги чини живот заложниците. Тоа, особено по видеоснимките на кои е прикажано обезглавување на некои заложници на ИД, ниту еден политичар во Анкара не сака да го ризикува.

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел, кој во понеделникот (08.09.2014) во Анкара разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оцени дека Турција е важен партнер во борбата против ИД. Но, конкретни ветувања од Ердоган, Хејгел најверојатно не добил. Според медиумски извештаи, Турција дозволува користење на нејзината воздухопловна база Инџирлик, на околу 100 километри западно од сириската граница, за невооружени набљудувачки летови на САД над Ирак. Но, Анкара не дозволува воени акции кои би тргнувале од турска територија, напиша „Вашингтон пост“.