Игнорирање на подадената рака
30 март 2010Откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, ги информираше своите колеги од Г8 за нападите во Москва, вниманието на министрите на средбата во Отава се сврте кон темите на дневниот ред. Меѓу нив и спогодбата што изминатиот петок ја постигнаа американскиот и рускиот претседател Барак Обама и Дмитриј Медведев за нуклеарно разоружување. „Тоа е придвижување кое сакаме да го искористиме, за да имаме деценија на разоружување, а не на вооружување,“ подвлече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.
И покрај подготвеноста на големите сили за атомско разоружување, сепак постои стравување дека бројот на атомски вооружените земји во иднина ќе се зголемува. Тоа значи дека атомската закана во иднина би можела да биде поголема наместо помала: „Ако не внимаваме, тогаш можеби за десет години ќе има двојно повеќе атомски држави. Тогаш и опасноста ќе биде многу поголема, атомско оружје делумно или целосно да дојде до рацете на терористите.“
Најголема грижа и понатаму претставува Иран
Иран продолжува да ја реализира својата атомска програма. Со недели во земјата се збогатува се’ повеќе ураниум, иако и Советот за безбедност на ОН побара од Иран да ја стопира атомската програма. Техеран го игнорира тоа. Германскиот министер за надворешни работи се’ погласно бара санкции за режимот во Техеран: „Нашиот став е непроменет и понатаму подаваме рака во правец на Иран, бидејќи сакаме преговори, сакаме резултати. Но, доколку Иран и натаму одбива транспарентност, соработка, и натаму работи на опцијата атомско оружје, тогаш тоа ќе доведе до проширување на каталогот со санкции.“
Пред почетокот на средбата на министрите на Г8, Канада се закани со заострување на санкциите за Иран. Мерка, за која САД со месеци бараат сојузници. Целта е министрите на Г8 на вториот ден од состанокот во Отава да договорат заедничка позиција, за осуда на иранската атомска програма, со што би се зголемил притисокот врз владата во Техеран. Освен ова се прават обиди да се придобие Кина, бидејќи земјата како вето-сила во Советот за безбедност на ОН досега одбива нови санкции против Иран. Како тоа би изгледало засега не се знае, она што со сигурност се знае е дека нема да има генерално економско ембарго, оти тоа би го погодило пред се’ цивилното население.
Автор: Михаел Геченберг/Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска