1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Земјите од Балканот можат да понудат автентичен модел на соживот

СН/АТ/миа3 јуни 2012

Иднината на Балканот зависи од Европа, но и европската иднина делумно зависи од Балканот, порача македонскиот претседател во обраќањето на 10. УНЕСКО самит на лидерите од Југоисточна Европа, што се оддржува во Мостар.

https://p.dw.com/p/157AC
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мојата визија и мото отсекогаш биле: Европскиот мир е неостварлив без балканскиот мир. Сметам дека обединувањето на европскиот континент и напорите за остварување на визијата за Европа обединета во различностите може да се оствари преку примена на моделите на мултиетнички соживот кои постојат на Балканот, особено македонскиот модел“.

Ова го истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Мостар, обраќајки се на првата пленарна сесија на дводневниот форум „Верско и културно историско наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, што се оддржува во Мостар.

Македонскиот модел, рече Иванов во обраќањето, е модел на мултиетничка демократија која подразбира интеграција без асимилација.

„Верувам дека ваквите позитивни балкански искуства можат да помогнат во обликувањето на европската иднина. Република Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот не научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. На тоа не потсетува и она што ние на Балканот го знаеме како капиџик, во вистинска смисла на зборот“, рече Иванов.

„Членството во ЕУ ќе помогне во релативизирање на границите во ЈИЕ“

Оваа серија состаноци, нагласи шефот на македонската држава, ни помогнаа да придонесеме во градењето мир на Балканот, да ја зајакнеме соработката, стабилизацијата на односите меѓу нашите земји, како во културна, така и во политичка и економска смисла, како преку регионалната, така и преку личната димензија.

„Благодарение на овој вид состаноци, односите меѓу земјите во нашиот регион станаа порелаксирани. Но форумот ни помогна нам, балканските лидери, да воспоставиме и одржуваме лични односи и контакти“, потенцираше Иванов.

Тој смета дека и покрај турбулентните 90-ти години на минатиот век, земјите од ЈИЕ денес можат да понудат автентичен модел на мултиетнички, мултирелигиозен и мултијазичен соживот кој ја одразува разновидноста на регионот и богатото историско искуство кое се акумулирало низ вековите.

Alte Brücke in Mostar Flash-Galerie
МостарФотографија: DW

„Соживот кој дава одговор на дел од предизвиците со кои денес се соочуваат земјите од Европската унија“, додаде Иванов.

Осврнувајќи се на границите на балканските земји, шефот на државата истакна дека несреќите дошле тогаш кога почнал процесот на создавање на границите.

„Но, постои излез. Овој код кој го имаме треба да биде ставен во функција на иднината во која повторно ќе ги релативизираме границите на Балканот. Верувам дека само преку членството во Европската унија можеме да го оствариме ова“, подвлече Иванов.

Посета на спомен-обележјето на Трајковски

На форумот, најавено е присуство на домаќинот-претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, албанскиот претседател Бамир Топи, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова и претставници од државните институции од земјите од регионот.

Проектот „Дијалог меѓу цивилизациите“ кој е поддржан и од УНЕСКО, информираше претседателот Иванов на денешниот форум, по 10 години, односно во 2013 година повторно ќе биде реализиран во Република Македонија. Првиот ваков самит во рамки на форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“ поттикнат од Македонија беше оддржан во Охрид во 2003 година на иницијатива на поранешниот претседател Борис Трајковски.

Во текот на вчерашниот ден, шефот на државата на маргините на самитот оствари одделни билатерални средби со претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ и генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова.

Иванов вчера попладнето положи и цвеќе на спомен-обележјето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски на Ротмиље. На 26. февруари 2004 година на ова место Трајковски и осум членови на неговиот кабинет загинаа во авионска несреќа, патувајќи кон Мостар.