1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ибрахим Ругова прогласи победа на неговата партија на парламентарните избори на Косово

25 октомври 2004

Демократскиот Сојуз на косовскиот претседател Ибрахим Ругова прогласи убедлива победа на парламентарните избори во покраината. Шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен бара брзо формирање влада. Наместо помирување, бојкот, оценуваат западните медиуми

https://p.dw.com/p/Ad2b
Ибрахим Ругова
Ибрахим РуговаФотографија: AP

Ибрахим Ругова соопшти дека неговата партија освоила повеќе од 50% од гласовите, но ќе ги сочека официјалните резултати за да види дали ќе може да формира самостојно или коалициона влада.

Според досега единствената неофицијално објавена проценка за резултатите на косовскиот одбор за заштита на човековите права и слободи, партијата на косовскиот претседател, наспроти тврдењето на Ругова, освоила 47% од гласовите на изборите, на кои гласаа 53% од бирачите.

Шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен очекува од политичките партии да ги прифатат изборните резултатите и да започнат да работат околу формирање влада во покраината. Ставот на Петерсен е дека нема доволно време доколку се сака покраината да оди напред, додавајќи дека еднакво е важно да се слушне гласот и на малцинските заедници во покраината . Големиот одзив според шефот на УНМИК е порака до политичарите дека граѓаните имаат доверба во патот кон иднината, заради што е потребно формирање ефикасна влада која ќе ги награди за искажаната доверба.

Првите реакции од западните држави ги пренесоа медиумите, кои во најголем дел пишуваат за бојкотот на српското малцинство во покраината и победа на партијата на Ибрахим Ругова.

„Наместо помирување бојкот„ пишуваат медиумите во САД, кои бојкотот го оценуваат како удар врз напорите на меѓународната заедница да промовира мултиетничка соработка пред престојните преговори за статусот на покраината. Според "Вашингтон пост" српското малцинство со презир одбило да учествува на изборите прифаќајќи го ставот на тврдите националисти од Белград, дека со тоа само ќе се легитимираат албанските барања за независност на покраината.

И западноевропските медиуми укажуваат дека масовниот бојкот го става во неизвесност учеството на малцинставта во преговорите за конечниот статус на покраината во наредната година.

Набљудувачите на Советот на Европа и Европскиот парламент, изборите ги оценија за фер и демократски. За шефот на делегацијата на Европскиот парламент Дорис Пак тоа е доказа дека косовските институции заслужуваат големи овластувања.

Официјалните резултати од изборите според најавите од „ОБСЕ„ треба да бидат објавени најдоцна до 7 Ноември.