Ибрахимовиќ против Роналдо за пат во Бразил
21 октомври 2013Најинтересен во баражот, барем според богатото минато, ќе биде дуелот меѓу Португалија и Шведска. Двете репрезентации се предводени од две вистински „суперѕвезди“ на светскиот фудбал, Кристијано Роналдо и Златан Ибрахимовиќ. Шведска во квалификациите настапи во групата Ц, и заврши на второто место, зад Германија. Португалија настапуваше во Групата Ф, каде првото место и директниот пласман и припадна на Русија.
Репрезентацијата на Франција за противник во баражот ја има селекцијата на Украина. Франција се натпреваруваше во Групата И, каде убедлива на врвот беше репрезентацијата на актуелниот европски и светски првак Шпанија. Украина заврши зад Англија во Групата Х.
Во третиот дуел од баражот ќе се сретнат репрезентациите на Грција и Романија. Грците стигнаа до второто место во Групата Г, каде директен пласман обезбеди големото изненадување Босна и Херцеговина. Романија беше втора во Групата Д, каде убедлива на врвот беше Холандија.
Репрезентацијата на Хрватска, се чини, имаше најмногу среќа во баражот, откако за противник ја доби селекцијата на Исланд. Хрватите се натпреваруваа во Групата А, во која беше и Македонија, и завршија веднаш зад Белгија. Исланд успеа да се пласира во баражот преку одличните игри во Групата Е, каде прва беше Швајцарија.
Првите мечеви на програмата се на 15. ноември, а реваншите на 19. ноември годинава. Домаќини на првите дуели се Португалија, Украина, Грција и Исланд.