1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сѐ повеќе антибиотици се немоќни против бактериите?

Бригите Остерат/ Симе Недевски4 мај 2014

Светската здравствена организација предупреди од растечката опасност од бактериите резистентни на антибиотици. Голем број антибиотици повеќе го немаат посакуваното дејство, зашто бактериите развиле одбранбени механизми

https://p.dw.com/p/1BtXH
Symbolbild - Antibiotika
Фотографија: Fotolia/Nenov Brothers

Антибиотиците убиваат бактерии или го спречуваат нивното размножување. Многу лекови всушност се супстанции кои веќе постојат во природата, како на пример пеницилинот. Него го создаваат некои габи за да се заштитат од бактерии. Други антибиотици се создадени во лабораторија или се изменети хемиски за да им се подобри дејството.

Како делуваат антибиотиците?

Пеницилинот ја напаѓа клеточната мембрана на бактериите, ја попречува нејзината синтеза. Со оштетена мембрана бактериите не можат да преживеат и буквално се распрснуваат.

Другите лекови, спречуваат тие едноклеточни организми да произведуваат белковини кои им се потребни за живот или ги блокираат транспортните механизми во клеточната мембрана така што доаѓа до пореметување на природната рамнотежа.

Некои антибиотици спречуваат бактериите да се размножуваат. Веќе постоечките бактерии умираат по некое време, додека нови не можат да се создадат.

Бактериите стануваат отпорни на антибиотици

Бактериите многу брзо се размножуваат и затоа многу брзо можат да се прилагодат на нови услови и на нови опасности. Таквата опасност за нив се антибиотиците. Бактериите прават сѐ што е можно да развијат одбранбени механизми против материите кои се штетни за нив. На пример, промените на генетските карактеристики можат да им овозможат создавање на нови, за нив корисни белковини. А тие го разбиваат молекулот на антибиотикот и го прават безопасен. Или бактериите ја менуваат својата клеточна мембрана така што антибиотикот веќе не може да продре во внатрешноста на клетката.

Symbolbild Antibiotika versagen immer öfter gegen Bakterien vom 30.04.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бактериите често ја менуваат и структурата на местата на кои ќе се „закачи“ антибиотикот- создаваат нова белковина која има иста функција во клетката, но не е чувствителна на делувањето на антибиотикот.

Сѐ повеќе отпорни бактерии

Ако бактеријата најде начин да му се спротистави на антибиотикот, таа оваа карактеристика ја пренесува генетски на сите свои наследници. А бактериите можат генетските карактеристики да ги разменуваат и со најобичен меѓусебен допир. Така отпорноста на некоја супстанција многу брзо се шири. Често бактериите истовремено се отпорни на повеќе видови антибиотици.

Проблематична е на пример бактеријата стафилококус ауреус, отпорна на метицилин (МРСА). Таа е отпорна на значително голем број расположиви антибиотици. Германското друштво за хигиена во болниците проценува дека секоја година во Германија од последица на заразување со МРСА-бактеријата умираат повеќе од 5.000 луѓе.

Како да се спречи создавање на отпорност?

За да се намали отпорноста на бактериите важно е антибиотиците да не се земаат пречесто, туку само кога е тоа потребно. А кога се земаат антибиотици, соодветниот третман никогаш не би смеел да се прекине прерано.

Лекарите имаат резервни антибиотици кои ги употребуваат само во критични случаи. Токму поради тоа што ретко се користат, бактериите не успеале да развијат одбрамбени механизми против овие антибиотици.

Постојаните истражувања би требало да спречат да исчезнат ефекасните антибиотици. Честото развивање на нови лекови, кои бактериите сѐ уште не ги познаваат, е единствена можност да се делува долгорочно против отпорноста на бактериите на антибиотици и да се победи во трката со овие предизвикувачи на болести.