1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Германија полесно ги преброди поплавите?

Ајрин Квили/ Жана Ацеска 30 мај 2014

На Балкан е во тек чистењето по најголемите поплави кои го погодија регионот откога се вршат мерења. Дали вакви катастрофи наскоро ќе станат наше секојдневие? Зошто Германија полесно пребродува и посилни врнежи?

https://p.dw.com/p/1C9Co
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дождот паѓаше непрекинато шест дена. Во Србија, БиХ и Хрватска наврнаа околу 180 литри на метар квадратен, дваесет пати повеќе од просекот. Метеоролозите повлекуваат паралела со Германија пред 11 месеци, кога надојдоа Дунав и Елба. За тие катастрофални поплави шефот на Германската метеоролошка служба, Андреас Бекер, вели дека не е заедничка само количината на врнежите дожд кои паднаа во тек на шест дена.

„Во двата случаја е слично она што претходеше на поплавите, а се однесува на влажноста на земјиштето“, вели Бекер за Дојче веле.

„Поради честите врнежи еден месец пред поплавите, земјата беше многу влажна, така што не можеше да ги апсорбира новите врнежи, туку водата се слеваше и водостојот на реките веднаш порасна“.

Климатски промени?

Прашањето со кое сега се занимаваат метеоролозите е дали катастрофалните поплави се последица на климатските промени, поради што во иднина би можеле почесто да се повторуваат. Бекер смета дека е неможно одделни случаи да бидат доведени во врска со климатските промени. Повеќедневните силни врнежи во Европа, првенствено во Германија во 2013. година, во Англија зимоска и сега на Балкан, во мај 2014, се вклопуваат во разни климатски теории:

„Постојат стравувања дека временските услови кои ги карактеризира низок воздушен притисок, можат да се повторуваат се‘ почесто. Додека во 50-те години ги имаше меѓу осум и десет пати годишно, во следните сто години би можело да ги има двојно повеќе. Тоа би значело ситауција каква што имавме минатата година во Германија, а годинава на Балкан“, вели Бекер.

Во најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, ИПЦЦ, експертите предупредуваат на опасноста од зголемување на бројот на екстремните временски непогоди во Европа, првенствено на силни дождови, дури и во области за кои такви не се карактеристични. Во секој случај, би било добро да се подготвиме за таква можност, нагласува метеорологот Бекер.

Deutschland Hochwasser DB Bilanz Schönebeck 09.07.2013
Минатата година источниот дел од Германија беше погоден од поплавиФотографија: Reuters

Помалку вода, поголеми катастрофи

Иако обемот на врнежи поради кои во 2013. година се излеаја Дунав и Елба во Германија беше далеку поголем отколку на Балкан, штетата од поплавите во БиХ и Србија е многу поголема. Стручњаците од Германската метеоролошка служба потсетуваат дека најтешко погодени се подрачјата во кои пред 22 години се водеше војна и кои уште не се расчистени од мини. Бекер нагласува и дека на Балкан системот за превентивна заштита од поплави не е како во Германија.

„Ние овде имаме многу добар систем за предупредување, како и системи за заштита на реките кои се многу отпорни“.

Штетата не може никогаш да се избегне во целост, вели Бекер, но додава оти со добар систем на одбрана, таа може да се намали и до 30 проценти:

„Кога постои повеќемилионска штета или штета од неколку милијарди како во Германија, тогаш такви системи во секој случај се исплатуваат“.

На Балкан, многу луѓе настрадаа поради неадекватна превенција и лош систем за заштита од поплави. Додека екпертите за временски прилики и научниците кои се занимаваат со климатските промени работат на подобрување на прогнозите и разјаснување на климатските модели, надлежните служби и општини мораат да решат колку се подготвени да вложуваат во систем за заштита од поплави. Преиспитувањето на постојните превентивни мерки има вистински смисол, вели Бекер, посебно зашто временската статистика се менува. Дури и ако нема финансиски можности за подготовка за најцрни сценарија, се препорачува воведување дополнителни заштитни мерки. Како пример Бекер го наведува градењето нови речни брани, кои подоцна, ако е потребно, можат да се доградуваат.

„Тоа би било разумно решение“, заклучува тој.