ЗНМ задоволно од Законот за медиуми
23 јануари 2014Владата направи чекор напред исполнувајќи ги обврските договорени со Здружението на новинари на Македонија и ги усвои измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како и измените на Законот за медиуми, истакнуваат од ЗНМ од каде додаваат дека со тоа направено е подобрување на понудената содржина на законите, за кои ЗНМ и странските експерти имаа сериозни забелешки.
„Ваквото однесување на Владата дава надеж дека во иднина ќе се направат напори за понатамошно подобрување на содржината на законите“, велат од ЗНМ од каде додаваат дека сега останува обврската во рок од шест месеци да се изнајде решение со кое ќе се зајакне независноста на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија.
Од здружението истакнуваат дека се уште остануваат на ставот оти нема потреба од закон за медиуми посебно не во услови кога Македонија рапидно паѓа на светските ранг листи по слобода на изразувањето.
„Предупредуваме дека неприфатените забелешки на ЗНМ, кои во исто време беа и забелешки на експертите на Советот на Европа и ОБСЕ, сериозно ќе ја нарушат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. ЗНМ во иднина ќе се залага Владата да ги прифати и останатите забелешки, кои би придонесувале за подобрување на медиумското законодавство“, истакнуваат од здружението.
ЗНМ најави дека ќе ја следи примената на Законите, посебно на спорните делови, а не ја исклучува и можноста по консултација со правни експерти, дел од одредбите да ги оспори пред Уставниот суд.