Злато, сребро, бронза за Германија
31 август 2011Роберт Хартинг останува најдобар на светот. Брилијантно ја одигра улогата на фаворит на финалната диск-претстава од почеток до крај. Најдобро беше неговото четврто фрлање од 68.97 метри, што значеше дефинитивна одбрана на златото од Берлин во 2009 година. На сличен начин како и пред две години пресреќниот дискоболос направи славеничко шоу, кога цел стадион му аплаудираше. Хартинг така станува достоен наследник на легендарниот претходник, Ларс Ридл.
На почетокот на женското финале во скок со стап, Мартина Штруц беше епизодистка покрај мега-звездата Исинбаева, покрај Роговска, Феофанова, Шур... Но, на крај токму таа беше под главните светла на стадионот во Даегу и на подиумот со сребрен медал.
Кога со 4.80 го собори рекордот на Германија, кога една по друга испаднаа и Исинбаева и Роговска и Феофанова се чинеше дека 30 годишната Штруц победува. Бразилката Мурер сепак во клучниот момент се надмина себеси и со рекорд на Јужна Америка од 4.85 отиде повисоко, што ни малку не ја намали радоста на Штруц.
Џенифер Езер е третото име во големата германска вечер. Искусната седмобојка својата репутација ја поткрепи со сребрен медал. Собра 6572 бода, значително повеќе од пред две години во Берлин, кога беше втора. Покрај силната русинка Чернова и фаворизираната Британка Енис, овој пласман е објективноста на Езер.
Автор: Златко Калински
Редактор: Трајче Тосев