1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зелените„ со нова социјална платформа

Cutanoski, Goran26 ноември 2007

Најмалата опозициона партија застапена во Бундестагот на Конгресот во Нирнберг се движеше меѓу утописки и реално-политички ставови – смета Нина Веркхојзер во следниот коментар

https://p.dw.com/p/CTFc
Двоец без кормилар? Копретседателите на Зелените, Рот и Битикофер на конгресот во НирнбергФотографија: AP
Улогата на „црн Петко„ на Конгресот на Зелените во Нирнберг ја презеде познатиот политичар Освалд Мецгер. Тој имено во дебатата за социјалната помош прилично навредливо ги опиша невработените во земјата. Не сите, но многумина од нив смислата на сопствениот живот ја гледаат во тоа да седат пред телевизор и да пијат алокохол или да се полнат со нездрава храна! Ваквата навредлива изјава пожнеа се разбира многу критика од делегатите на Конгресот, бидејќи партијата токму сакаше да се профилира како поддржувач на сиромашните.


Како и да е, делегатите на крајот се согласија дека невработените во земјата заслужуваат поголема поддршка од државата. Како минимум за достоинствен живот, партијата во социјалната платформа си запиша 420 евра месечно. Тоа е меѓутоа значително повеќе од она што го предвидува сегашната регулатива. Со оглед на тоа дека Зелените се во опозиција, тие на Конгресот во Нирнберг не мораа да дадат одговор на прашањето од каде треба да дојдат финансиските средства за зголемувањето на помошта за невработени.


Она што уште ја одбележа дебата беше фактот што, според Зелените, невработените и примателите на социјална помош не се самите виновни за нивната ситуација. Чесно и без надменост делегатите расправаа за животните услови во кои живеат милиони нивни сограѓани. Затоа и побараа на крајот сите оние кои искрено се трудат да најдат работа, а при тоа не успеваат, тие лица да не мораат прво да ги потрошат сите резерви што ги собрале за пензија пред државата да треба да им притекне на помош.


Воопшто Зелените се заложија државата во секое време да му помогне на секој граѓанин и тоа на нечинот што нему најмногу ќе му одговара, без при тоа да му ја одзема индивидуалната слобода. Ова е секако прекрасна визија и нема кој не би ја поддржал. Но, таа е исто толку нереална. Зелените побараа и безусловен минималец за сите граѓани – што дефинитивно заоѓа во полето на утопијата. Кога ваквото барање на Конгресот не доби доволен број гласови на делегатите, беше видливо големо олеснување кај раководството на партијата. Зашто, ваквиот модел тешко може да се протурка на ниво на реалната политика. А годинава се на ред покраинските избори во Хесен и Долна Саксонија.


Како резиме на Конгресот би можело да се каже дека дебатата за социјалната политика донесе два плода: прво, до израз дојдоа и потврда добија обете крила во партијата, како оние кои имаат големи, но нереални визии, така и оние кои се борат за реалистичен пристап во политиката. И второ, со оглед на тоа што Зелените се во улога на опозициона партија, обете најдоа начин да коегзистираат. Веќе тоа беше доволно да се подобри состојбата и имиџот на партијата која во последно време е прилично разнебитена.