1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Здравството во БиХ компликувано и неефикасно

Самир Хусеиновиќ
28 март 2017

Поради компликуваната структура на власта, трпи и здравствениот систем во БиХ. Проблеми има многу, исто како и незадоволни пациенти, иако има и позитивни искуства.

https://p.dw.com/p/2a5sq
Spendentransport nach Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Biker-Brummi-Hilfe e.V.

„Татко ми отиде на операција на дебелото црево и тоа кај многу ценет лекар, кој за операцијата бараше прилично голема сума пари. Се разбира, кога е здравјето во прашање, не размслувавме и му ги дадовме парите на лекарот“, вели сараевчанката Алма Адиловиќ-Црномеровиќ.

„Операцијата, според зборовите на лекарите, била успешна, но следуваа компликации. Се виде дека постоперативниот тек не тече добро. Секој ден по неколку пати баравме лекар со молби и барања нешто да се преземе. Дури 10 дена подоцна татко ми е однесен на друга операција, при што му е исчистен абдоменот од фекалии кои се излеале од пукање на дебелото црево. Татко ми мина седум дена во агонија. На Клиниката за анестезија и реанимација ни рекоа дека е доведен во многу тешка состојба на ендотоксичен шок и дека не знаат дали ќе ја преживее ноќта. Сакам да се заблагодарам на целата екипа на оваа клиника која успеа да го 'оживее' татко ми, за жал само накусо“, вели нашата соговорничка.

Alma Adilovic-Crnomerovic
Алма Адиловиќ-ЦрномеровиќФотографија: privat

Алма Адиловиќ-Црномеровиќ верува дека татко ѝ можел да преживее „само ако лекарот кој го оперирал поведел поголема сметка и одреагирал веднаш, на првите симптоми кои се појавиле“. Таа е уверена дека татко ѝ го убила „лекарската немарност“. Приказната на Алма е само една во низата сведочења за неадекватниот однос на вработените во здавствените институции кон пациентите во БиХ. Иако има и позитивни примери, преовладуваат негативните искуства.

Проблеми што се одразуваат на пациентите

„Поради лошиот здравствен систем нерадо користам услуги на јавни здравствени установи. Ми се случувало со болно дете кое повраќа и има висока температура да седам со часови во салата на Здравствениот дом, за лекарот на крај да ме упати во клиника на другиот крај на градот. Како да стигнам до таму со болно дете, тоа никого не го интересира. Затоа, кога можам, одам во приватни клиники, зашто сум сигурна дека моите деца таму ќе добијат далеку подобра, побрза и поквалитетна услуга“, вели З.Х.

„Моите искуства се позитивни, иако не сум бил често во прилика да користам лекарски услуги. Меѓутоа, проблемот е во недоволните капацитети, условите за работа, неадекватните простории, санитарии, но слушам дека се работи на тоа, дека просториите се реновираат“, вели Х.С.

Krankenhaus „Abdulah Nakas“ in Sarajevo
Општата болница „Абдулах Накаш“ во СараевоФотографија: DW/S.Huseinovic

Факт е дека здравството во БиХ се соочува со многу проблеми, што на крајот се одразува и на пациентите. Еден од нив е заминувањето на лекарите од Босна и Херцеговина, на што предупредува и угледниот босански лекар Бакир Накаш.

„Незадоволството од лошите услови за работа, ниските плати и недостигот од континуирана едукација, резултира и со заминување на здравствени професионалци во кои се вложени големи финансиски средства. На нивно место доаѓаат недоволно едуцирани кадри кои дополнително го намалуваат квалитетот на пружените здравствени услуги на сите нивоа, а посебно на нивото на болничка здравствена заштита. Стриктната примена на законот за работа резултира со упатување во пензија на кадри кои можат да пружат квалитетна здравствена услуга и да бидат одлични едукатори и контролори на работата на младите стручњаци, што доведува до лоша кадровска покриеност на виталните служби на ургентна медицина, на хируршките дисциплини и анестезиолошките служби“, оценува д-р Накаш за ДВ.

Компликувана држава, компликувано здравство

Тој зборува и за други аномалии на босанското здравство. „Управувањето со здравствените установи во целост е подредено на политиката во партиите на власт, па менаџерите, управните и надзорните одбори се повеќе партиски подобни, отколку што се способни. Тоа резултира со незадоволство на вработените, на синдикатите и на лекарските комори.“

Bakir Nakas
Д-р Бакир НакашФотографија: privat

Бакир Накаш потенцира дека здравствениот систем во БиХ во целина е компликуван и неефикасен. „Организацијата на здравството во БиХ е условена со нејзиното уставно и политичко уредување, така што наместо единствен здравствен систем на државно ниво, со еднаков пристап до сите здравствени услуги, имаме тринаесет 'независни' здравствени системи, кои, поради законската регулатива, на пациентите често им оневозможуваат еднаков пристап до здравствена заштита на сите нивоа. Втората важна карактеристика се однесува на законската регулатива во областа на задолжителното здравствено осигурување кое се базира на 'Бизмарковиот принцип на финансирање', што значи дека придонесите за здравство ги уплаќаат работниците и нивните работодавачи. Имајќи ја предвид високата стапка на невработеност, јасно е дека покриеноста со задолжително здравствено осигурување е мала, така што голем процент од популацијата нема задолжително здравствено осигурување. Освен тоа, голем број работодавачи придонесите за здравствена заштита ги уплаќа врз основа на минимална, а не на вистинската плата“, истакнува д-р Бакир Накаш.