1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум ТТИП! А што после?

Хенрик Беме / превод: ЕМФ30 август 2016

Германскиот министер за економија Габриел го прогласи за „де факто пропаднат“ договорот за слободна трговија меѓу Европа и САД. Со тоа сака да си ја спаси пред сѐ својата кожа. Тоа е мизерно, оценува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1Js4L
Фотографија: picture-alliance/dpa/Stefan Puchner

Широк сојуз од групи и организации повика на големи демонстрации во Берлин против Договорот за слободна трговија ТТИП на 17 септември. Во сојузот има црковни групи, невладини организации, социјални здруженија, а возот сака да го фати дури и деснопопулистичка партија АфД. Организаторите всушност можат да си заштедат труд. Луѓето може да си останат дома. Зашто, ТТИП нема да дојде, барем не во наредните години. Тоа што токму еден министер за економија е првиот член на германската влада кој гласно ја кажа вистината, треба да се припише на неговата партиска припадност.

Габриел е и шеф на германските социјалдемократи, а во партијата, особено во левото крило, шепотот околу ТТИП и Цета станува сѐ погласен. Со оглед на тоа што министерот веќе стави јасно до знаење дека договорот со Канада (Цета) треба да стапи во сила, сега кај сопартијците очигледно сака да поентира со тоа што ќе го испрати ТТИП во „вечните ловишта“. Тоа е многу очигледно, поради тоа што се работи за чиста предизборна реторика. Тој сака да си ја спаси сопствената кожа.

Контроверзните изјави на министерот за работа

Притоа, Габриел е сѐ уште министер кој се бори за работни места во Германија. Со вакво тенко образложение тој, наспроти забелешките и сомневањата за кршење на правилата за монопол, неодамна даде дозвола за фузија на ланците супермаркети Едека/Кајзерс-Тенгелман. Тоа беше потег со кој во меѓувреме се занимава највисокиот германски суд. Сега пак, кога министерот за економија на една од најважните извозни нации на светот, го закопува договорот за слободна трговија, и тоа со еден од најважните трговски партнери, се чини како работните места веќе да не се толку важни. На што личи тоа?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Тоа што ТТИП е фактички мртов не е заслуга ниту на многуте противници на договорот, кои жестоко се противат пред сѐ во Германија, ниту пак е заслуга на Зигмар Габриел, кој вели дека за тоа се виновни Американците. Тука можеби дури и има право. Зашто, во САД во тек е изборна кампања. Доналд Трамп е убеден противник на слободната трговија, а и Хилари Клинтон досега не се изјаснила околу ТТИП. Напротив, иако таа тврди дека е за слободна трговија, мора да има обѕири кон многуте приврзаници на својот внатрепартиски противник Берни Сандерс.

Губитници од глобализацијата

И, тука се доаѓа до вистинската суштина на проблемот. Зашто, многу Американци, приврзаници и на тој Сандерс, но пред сѐ на Трамп, се сметаат себеси за жртви на глобализацијата. А, на германските демонстранти против ТТИП всушност не им се работи воопшто за самиот договор за слободна трговија, туку за поправедна форма на глобализацијата, која донесе и победници и губитници. Во многу западни земји губитниците се оставени само на себе. Тоа на популистите им носи многу симпатизери, а од друга страна предизвикува и зголемување на протекционизмот. Во меѓувреме и производството се враќа во индустриските земји, зашто технолошкиот развој во меѓувреме дозволува одредени работи во развиените земји да се произведуваат поевтино отколку во земјите со евтина работна сила. Имено, може да се произведува сосема без луѓе. Адидас дава пример со патиките за во сала, кои веќе не се произведуваат во Виетнам, туку ги прават роботи во германска фабрика. Каде води тоа?

Која е алтернативата?

Мислата дека светот се збогува од слободната трговија е ужасна. Што значи тоа за земјите во развој, за нестабилните земји во забрзан подем, за една извозна нација како Германија? Хилари Клинтон беше таа која своите слушатели ги праша зошто прецизните машини всушност мора да доаѓаат од Германија. Притоа, Америка е таа што има најдобри работници на светот.

ТТИП е мртов! Противниците на планираниот договор може да слават. Но, што е алтернативата? За Европа, која и онака се наоѓа во кризен модус, изолацијата би била една од најлошите замисливи варијанти.