1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Србија Косово е нејзин неделив дел

25 јули 2007

Собранието на Србија синоќа ги усвои резолуцијата за Косово и извештајот на државниот преговарчки тим. Во резолуцијата се наведува дека Косово е неделив дел на Србија.

https://p.dw.com/p/BLpc
Српскиот парламент против независноста на КосовоФотографија: AP Photo

Секој обид за решение што ќе ги прекрши основните начела на меѓународното право и интегритетот и суверенитетот на Србија би бил прогласен за ништавен и опасен за опастонокот на државата и како таков би бил повод за соодветно дејствување на државните органи на Србија во согласност со меѓународното право, се вели во резолуцијата.

Во текстот натаму се вели дека Србија е подготвена да започне нова фаза преговори околу изнаоѓањето најповолно решние за Косово имајќе ги предвид темелните државни интереси на Србија. Во документот се нагласува дека нова резолуција на Советот за безбедност треба да уследи дури по завршувањето на преговорите со кои би се утврдило компромисно решение за идниот статус на покраината. Новите преговори можат да се водат само во рамките на постојната резолуција 1244 и врз основа на јасен мандат на Обединетите нации. Во доукментот е прецизирано дека Собранието на Србија бара од сите држави членки на светската организација да го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Србија во согласност со меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и резолуцијата 1244. Резолуцијата завршува со обврската за владата на Србија и сите државни органи благовремено и решително да одговорат на секое навестување или акт на кој и да е меѓународен субјект што би биле насочени кон еднострани акти на повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија. Тоа посебно се однесува на заканите и евентуланите акти на еднострано признавање на независноста на Косово, се вели во синоќа усвоената резолуција.

Денеска пак, во Виена ќе се одржи состанок на контакт групата за Косово на експертско ниво врз основа на минатонеделната одлука на САД и Европската унија во тоа тело да се водат преговорите за идниот статус на Косово. Тоа е состанок на ниво на стручњаци, односно технички, а не политички, изјави за агенцијата Франс Прес неименуван претставник на руското министерство за надворешни работи. Руското министерство инаку, соопшти дека Москва е подготвена на активна работа во рамките на оваа група за да се изнајде реално решение за косовскиот проблем.

Во меѓувреме, словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел синоќа изјави дека тројката што ја сочинуваат Соединетите Американски Држави, Европската унија и Русија, во идниот месец ќе ги преземе подготовките за преговорите меѓу Србија и Косово за идниот статус на покраината. Рупел очекува преговорите меѓу Белград и Приштина да почнат во август. Оваа тројка би требало да помогне во дефинирањето на дневниот ред и условите на преговорите, зашто се уште не е утврден предметот на тие преговори. Тројката нема да има мандат за подготовка на документ, каков што имаше специјалниот пратеник на Обединетите нации Марти Ахтисари.