1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Србија и Косово - не по врат, по шија

16 декември 2011

Дали ЕУ барала или не Србија да го признае Косово во замена за кандидатурата за членство – тоа е полемиката што се води на релација Брисел – Белград. Српските власти тврдат дека во суштина се бара признавање на Косово.

https://p.dw.com/p/13UEC
Барањата од Брисел за Косово се слушнати повеќе патиФотографија: AP GraphicsBank

Известувачот за Србија во Европскиот парламент Јелко Кацин изјави дека ЕУ не барала од Србија да го признае Косово за да добие кандидатура за членство, но функционерите во Белград го демантираа тоа. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ на тоа одговори со народната изрека – не по врат, по шија. Тој појасни дека „од Србија не е побарано формално да ја признае независноста на Косово, но ако се прифати се‘ што е побарано, тогаш тоа не е далеку од тоа“.

Serbien Besuch Kanzlerin Angela Merkel
Тадиќ откри дека во предвечерието на состанокот на европските лидери било испорачано барањето за имплицитно признавање на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

На министерот за внатрешни работи му се приклучи и претседателот на Србија Борис Тадиќ, кој рече дека пред Србија, во предвечерјето на одлуката за кандидатура, било поставено барање имплицитно да ја признае независноста на Косово, со одрекување од Резолуцијата 1244, што Србија го одбила и останала без кандидатскиот статус на 9-ти декември.

Дачиќ не е наивен

Јелко Кацин и Ивица Дачиќ зборуваат со различни политички јазици, забележува за Дојче веле д-р Невен Цветиќанин од Институтот за општествени науки. Во случајот на Јелко Кацин тоа е формален и бирократски јазик, а Ивица Дачиќ се обидува да ги согледа консеквенците на одредени политички одлуки, оценува Цветиќанин:

„Не се работи само за терминолошка збрка. Пред Србија е ставен еден услов, кој се однесува на регионално претставување на Косово на собири и покрај резолуцијата 1244, што на некој начин води кон неформално признавање на Косово. Односно, тоа е еден услов кој ја кине и последната врска меѓу Србија и Косово. Во тој смисол, Ивица Дачиќ настапи како многу вешт политичар, бидејќи сфати дека веќе нема време за формален и бирократски јазик, а сфати и што се последиците од некои одлуки“, заклучува Цветиќанин.

Банкрот на една политика

Belgrad Serbien Stefan Füle Mirko Cvetkovic
Српските власти знаеле за барањата на Брисел на почеток, а не на денот кога се одлучувало за кандидатскиот статусФотографија: dapd

Претседателот на Напредниот клуб Чедомир Антиќ смета дека е срамота да се зборува невистина од позиција на високите функционери на ЕУ, но и дека тоа е нешто на што Србија не може да влијае. Проблемот е што во Србија банкротираше политиката кон Косово, која веруваше дека може да балансира на игла на патот кон ЕУ и да не го признае Косово, вели Антиќ:

„Знам дека во Србија, освен политиката на Демократската партија на Србија (ДСС) и нема некои други алтернативни политики, а политиката на ДСС е докажано неуспешна. Проблемот е што ние не можеме ниту да добиеме алтернативна политика, доколку не признаеме банкрот на досегашната политика. Ми се чини дека сега пред избори и Дачиќ и Тадиќ ’билдаат’ патриотизам. Значи, сега зборуваат дека од нас се барало формално тоа и тоа, иако тоа реално се бараше од почетокот. Така што, мислам дека на почеток треба да се признае банкрот на една политика, па потоа да видиме што да правиме“, вели Антиќ.

Косово по пример на Босна

Во текот на годините се појавуваа различни предлози за решавање на проблемите на Косово – од предлози за поделба на Косово, што ги застапуваше Србија, па до некои предлози што ги изнесуваа странските претставници. Меѓутоа, откако српските политичари се се’ повеќе убедени дека од Србија всушност се бара признавање на Косово и ништо повеќе од тоа, се поставува прашањето дали има смисла да се предлагаат какви било нови планови или предлози за решавање на проблемите на Косово.

direkte Gespräche zwischen Serbien und dem Kosovo
Дел од експертите заговараат босански модел за КосовоФотографија: picture alliance/dpa

Невен Цветиќанин смета дека има, бидејќи Косово, без признавањето на Србија и поради односот на сили во Советот за безбедност, не може да стекне потполна независност. Цветиќанин во тој смисол ја изнесува идејата за поделба на суверенитетот.

„Тоа едноставно е присутно во Босна и Херцеговина. Тоа значи дека сувереноста би се делела меѓу меѓународната заедница, косовските Албанци и косовските Срби. На тој начин и косовските Албанци и косовските Срби би го поделиле тој суверенитет со меѓународната заедница, бидејќи факт е дека Косово не е самостојна држава, дури ниту албанска, туку некој вид протекторат. Така што, за Косово би се вовел моделот на Босн, што би значело дека тоа би бил еден врховен ентитет, поделен на два помали енититета – српски и албански, кои би имале одредени надлежности, а супервизор над сите би била меѓународната заедница“, објаснува Цветиќанин.

Историски договор

Чедомир Антиќ исто така оценува дека секогаш постои некоја трета варијанта и дека не е бесмислено да се изнесуваат нови планови за решавање на проблемите на Косово.

„Во овој момент би било добро прво водачите на нашите парламентарни политички партии да седнат, во организација на Претседателот на државата, и да разговараат што е излезот. Единствен корисен излез за Србија е историскиот договор со косовските Албанци и поделбата на Косово и Метохија“, заклучува Антиќ.

Автор: Ивица Петровиќ / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски