1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Косово-решение кое ќе гарантира мир и стабилност

24 април 2007

Во Луксембург вчера ЕУ- министерската тројка имаше средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров околу идниот статус на Косово.Претседавачот,германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер нагласи дека идниот статус мора да гарантира мир и стабилност во регионот.,а централен партнер за решавање на проблемот е Србија.

https://p.dw.com/p/AdfN
Солана,Лавров и Штајнмаер
Солана,Лавров и ШтајнмаерФотографија: AP

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров не сакаше да каже дали Русија ќе употреби вето во Советот за безбедност на ОН ако САД,како што најавија, предложат резолуција со која ќе се признае независноста на Косово:

“Ниту од САД ниту од ЕУ не добив никаков документ за официјален предлог за кој би требало да се гласа.Не би требало да се трча побрзо од возот,зашто тој и така оди веќе премногу брзо.Треба да се постигне решение кое би било одржливо и кое би одговарало на интересите на Европа и на Балкан, тоа би требало да ја гарантира безбедноста на Европа и на регионот.Решението на кое се работи треба да добие согласност на сите заинтересирани страни,тоа не треба да доведе до нови дестабилизирачки процеси,а тие се можни ако решението биде еднострано наметнато.Уверен сум дека Европејците тоа одлично го разбираат,зашто тие треба да живеат на овој континент со Балканот.”

Лавров не сакаше да потврди дали Москва работи на сопствена предлог резолуција за Косово.

Ние пред се сакаме да утврдиме зошто не се применува постоечката резолуција на Советот за безбедност 1244 во елементите кои предвидуваат враќање на раселените лица и заштита на српското малцинство.Затоа издејствуваме испраќање мисија од Советот за безбедност која во Белград и во Приштина треба да ја утврди ситуацијата, рече шефот на руската дипломатија.Русија се залага за спроведување на постојната резолуција и за останување на меѓународната цивилна и безбедносна мисија на Косово.

Во изјава за Дојче Веле италијанскиот министер за надворешни работи Масимо Д Алема претходно не сакаше да каже што очекува од мисијата од Њујорк која оваа недела ќе ја утврдува состојбата на Косово.

"Ние во целост ја поддржуваме суштината на предлогот на Марти Ахтисари.Тоа значи дека ние го поддржуваме неговиот план за статусот на Косово.Сметаме дека е можно поправање на платформата на Ахтисари во делот од прашањата кои не се во врска со статусот.Тоа значи заштита на малцинствата, православните објекти, нашето мислење меѓутоа е дека независноста на Косово е неизбежно решение.Мислиме дека треба да ја потврдиме и постигнеме таа цел што побрзо за да избегнеме дестабилизација на Балканот."

Италијанскиот министер нагласи дека иста позиција имаат мнозинството членки на ЕУ и дека за статусот на Косово Унијата пред се треба да разговара со Србија, дури потоа со Русија.ЕУ меѓутоа треба да и ја отвори вратата на Србија.

И високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана подвлече дека Србија ќе биде иден член на Унијата.Србија не треба да се свртува кон други решенија,рече Солана на прашањето дали ова земја се свртува кон Руската федерација.

И помогнавме на Србија колку што можевме,зашто таа ќе биде идна членка на ЕУ,потенцираше и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.Кон неа ќе се однесуваме како кон централен партнер во раговорите околу Косово,додаде тој.

Словачка претходно поднесе иницијатива со која ЕУ и САД треба да се обврзат во политичка декларација, што треба да биде усвоена на нивниот самит во Вашингтон на 30 април,за решение за статусот на Косово во рамките на Советот за безбедност на ОН.Оваа иницијатива доби целосна поддршка од членките на Унијата.