1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Косово денеска ќе се разговара во Њујорк и Берлин

20 јули 2007

Советот за безбедност на ОН денеска ќе се занимава со предлог-резолуцијаta за Косово, поднесена од западните земји. Косово ќе биде тема и на денешната средба на министрите за надворешни работи на Германија и Русија.

https://p.dw.com/p/BK7s
Без согласност во Советот за безбедност на ОН?Фотографија: AP

Германија и натаму полага врз тоа, дека страните во спорот во нова рунда разговори сепак ќе изнајдат решение. Србија и косовските Албанци мораат да разберат дека од нив се очекува поголема флексибилност и отвореност, вели државниот секретар во германското министерство за надворешни работи Гернот Ерлер во интервју за агенцијата Ројтерс.

Можно е и новиот обид за преговори да не донесе никаков резултат, како што предупреди специјалниот пратеник на ОН за статусот на Косово Марти Ахтисари. Но, мора да биде направен барем обид за изнаоѓање согласност, вели Ерлер. Тој навести дека Косово ќе биде централна тема на средбата на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер со колегата од Русија Сергеј Лавров денеска во Берлин.

Во ОН во моментов во оптек е предлог-резолуција со која се предвидени 120 денови за нови преговори меѓу Белград и Приштина. Русија критикува дека зад тоа се крие чекор кон независност на Косово и се закани дека при евентуално гласање за предлог-резолуцијата ќе стави вето. Нејасно е дали воопшто ќе дојде до гласање. Да се гласа во сегашнава атмосфера не е добра идеја, оти мора да се смета на руско вето, што пак може да биде дополнително оптоварување за преговарачкиот процес, вели Гернот Ерлер.

На барање на предлагачите на резолуцијата, за вчера закажаната расправа неочекувано беше одложена за денеска. Претседавачот со Советот за безбедност, кинескиот амбасадор Ванг, не наведе причини за одлагањето. Според информации од дипломатски кругови, западните земји и натаму настојуваат зад кулисите да издејствуваат согласност на Русија. Откако ќе се утврди дефинитивниот став на Русија, авторите на резолуцијата ќе го најават својот нареден чекор, односно дали ќе се гласа за резолуцијата.

Фронтовите остануваат закоравени. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вчера на пат кон Лисабон рече дека “мора да има независно Косово, по еден или друг пат”. Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ во Лисабон возврати дека Белград “апсолутно не се согласува со тоа” и оти “ниедна земја не е подготвена да се откаже од својот територијален интегритет”. Претседателот на српскиот парламент Оливер Дулиќ за време на посетата на Љубљана рече дека сегашната структура на покраината се базира врз резолуција на ОН, па поради тоа темата Косово не може да и’ биде предадена на Контакт-групата.