1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За кого гласаат мигрантите во Германија?

ЖА /ДВ
6 октомври 2018

Најпопуларни партии меѓу мигрантите во Германија, според резултатите на најнова студија - ЦДУ и ЦСУ. Во 2016. година најголема омиленост кај луѓето со странско потекло уживаше СПД. Што се промени?

https://p.dw.com/p/35ujV
Symbolbild Türken in Deutschland
Фотографија: Imago/Lem

Според истражување на Стручниот совет на германските фондации за интеграција и миграција (СВР), демохристијаните ЦДУ и ЦСУ, со 43 проценти доверба, се најпопуларни политички партии меѓу луѓето со мигрантско потекло. И тоа без оглед на фактот што од пратеничката група на овие партии во Бундестагот, составена од 246 членови, само 2,9 проценти се со мигрантски корени. Кај Зелените тој удел изнесува 14,9 проценти, а кај Социјалдемократите - СПД, - 9,8 проценти.

Од студијата произлегува дека само еден од четворица доселеници ја смета СПД за најдобра партија. Само за споредба: во 2016. година такво мислење имаа 40 проценти. И Зелените, за разлика од објавениот резултат на СВР пред две години, се со намалена популарност меѓу мигрантите, покажува истражувањето спроведено меѓу јули минатата и јануари оваа година. Наклоноста на бирачите во тој период се намалила од 13,2 на 10 проценти. 

Разлики меѓу мигрантските групи

Како да се објасни оваа промена? На ова прашање нема едноставен одговор врз основа на резултатите на репрезентативната студија. Од другастрана, врз нејзина основа јасно се воочуваат разлики меѓу различни мигрантски групи. Меѓу оние со турско потекло, СПД загубила бројни поддржувачи, некогаш кон партијата биле наклонети 37 проценти од избирачите, а денес само 33 насто. Сепак, СПД кај нив и натаму предничи пред ЦДУ/ЦСУ. Истовремено, за Алтернатива за Германија, АфД, критички ориентирана кон исламот, би гласале само 1,1 процент германски Турци. Но, затоа дури 12 проценти мигранти од бившиот Советски Сојуз ја сметаат АфД за најдобра германска партија.

Зголемените симпатии на гласачите кон ЦДУ/ЦСУ не се изненадување и тоа „дефинитивно се случи поради канцеларката Ангела Меркел“, смета политичарката од ЦДУ, Чемиле Гијусуф. „Многу луѓе со мигрантско потекло го ценат нејзиниот доследен став во интегративната политика. Таа од 2005. година спроведува политика на отвореност и толеранција.“ Гијусуф во 2013. година беше првата муслиманка од ЦДУ - пратеник во Бундестагот. Нејзиното семејство припаѓа на турското национално малцинство во Грција.

Deutschland Volksparteien verlieren an Zustimmung | SPD - Luft raus
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

Неубедлива СПД

Фактот што СПД загуби бројни поклоници меѓу граѓаните со турско потекло, смета Чемиле Гијусуф, може да се доведе во врска со тоа што „партијата осетно заостана зад своите ветувања“, но и со фактот што првата државна министерка со турски корени, ополномоштеничката за интеграција Ајдан Озогуз (СПД) „во новиот кадровски распоред на партијата нема никаква функција.“

Кога се во прашање бирачите со турско потекло, Зелените веројатно самите себеси си наштетија поради јасните критики на водечките политичари од оваа партија на сметка на курсот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Посебно бившиот прв човек на Зелените, Чем Оздемир, им е трн во око на бројните приврзаници на Ердоган во Германија.

Повеќе: 

Секој четврти Германец е со странско потекло

Моќта на мигрантите на изборите во Германија

Мноштво критики против турската влада во последно време упатија и политичари од Левицата. Па сепак, таа партија бележи само мал пад на популарноста кај мигрантите - од 11,3 на 10,1 процент. Меѓу мигрантите со турски корени Левица уште ужива доверба кај 11,8 насто гласачи, иако меѓу нив е можно да има и многу Курди, за чии интереси оваа партија посебно се залага. Уште повеќе поборници на Левица има меѓу т.н. повратници, односно припадници на германското малцинство вратени во Германија од источноевропските земји, како и меѓу членовите на нивните семејства (5,6 насто).

Повеќе од 23 проценти од жителите на Германија се мигранти. На општите избори за парламентот во 2013. година уделот гласачи со мигрантско потекло беше 9,4, а четири години подоцна, во 2017. година, веќе 10,2 проценти, со тенденција на пораст.

Спроведеното испитување е дел од т.н. „Интегративен барометар“ СВР, во чии рамки од јули 2017. година до јануари 2018. биле интервјуирани околу 9.300 лица, меѓу кои и околу 3.500 мигранти.