За изборите во Иран се кандидираше и Рафсанџани
12 мај 2013Саид Џалили и Акбар Хашеми Рафсанџани вчера (11.05) ги внесоа своите имиња на листата со кандидати за претседателските избори во Иран, што треба да се одржат на 14 јуни.
Џалили, како директен застапник на духовниот лидер во Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е шеф на преговарачите во меѓународните разговори околу спорната атомска програма на Иран. Тој во среда (15.05) има нова средба со првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон. На последната средба во април, во казахстанскиот град Алмати, двете страни останаа на, како што нагласи тогаш Ештон, „голема раздалеченост“ во ставовите. Западот го обвинува Техеран дека стреми кон атомско оружје, а владата на Иран тврди дека сака да ја користи атомската енергија за мирнодопски цели.
За разлика од Џалили, Рафсанџани (фото горе), кој беше претседател на Иран од 1989 до 1997 година, важи за изолиран по претседателските избори во 2009-тата. Тогаш се одржуваа големи улични протести против спорниот реизбор на Махмуд Ахмадинеџад за претседател. Рафсанџани исто така изрази сомневање во резултатите од изборите и побара ослободување на затворените демонстранти. Освен тоа, 78-годишниот Рафсанџани ја критикувашше и економската и надворешната политика на Ахмадинеџад. Џалили пак, досега се нема изјаснето јасно за внатрешнополитички теми.
За наследник на Ахмадинеџад, кој по два мандата веќе нема право да се кандидира, се пријавија повеќе од 680 кандидати, меѓу кои и 30 жени, соопшти иранското Министерство за внатрешни работи. Дозволата за да настапат на избори сега лежи во рацете на Советот на чуварите на револуцијата, тело кое е под верски надзор. Неговите членови ги назначува Хамнеи, кој има последен збор и околу сите клучни политички прашања во земјата, како што е атомската енергија. Советот на чуварите на револуцијата мора да се изјасни за кандидатите кои имаат дозвола да излезат на избори до 23. мај.