1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Зибери штетно, за ДУИ контрапродуктивно

25 јуни 2020

Аргументите на Зибери за прифаќање на кандидатурата се многу послаби од неговите аргументи за предлогот на Ахмети изнесени пред една недела на „Алсат“, вели амбасадорот Мухамед Халили.

https://p.dw.com/p/3eIti
Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Бројни реакции уследија откако во првиот ден од капмањата ДУИ го обелодени името на нивниот кандидат за прв премиер Албанец. Во тој партиски наратив, со кој ДУИ реши да го сврти вниманието кон себе на овие избори, познавачите на состојбите во албанскиот политички блок гледаат популизам, политикантство и обид за поголема мобилизација на гласачите.

Насер Зибери не е непознато име на македонската политичка сцена. Во прашање не е неговата политичка биографија, туку бројни примери на негово лично несогласување со ставовите на ДУИ. За ова, и за прашањето дали бил единствен кандидат на листата на ДУИ, или единствен што ја прифатил понудата, соговорниците на ДВ даваат интересни одговори. 

Не гласаше за текстот на Преамбулата

„Повикот на Али Ахмети за сéалбанско обединување околу неговата идеја  за прв  Албанец-претседател на Владата има целосно популистички карактер за останување во власт", вели Мухамед Халили, амбасадор, и поранешен Генерален секретар на ПДП и шеф на пратеничката група на ПДП-НДП од 1992-1994 година.

 „Тоа е јасна порака упатена до Заев во стилот на познатата песна ‘сметајте на нас', бидејќи Ахмети како црвени линии за коалицирање ги стави почитувањето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија - закана упатена до Мицкоски. Тоа е индиректна порака до Заев да го вклучи во идната влада", оценува Халили.

Тој се согласува дека секоја партија има законско и уставно право да кандидира нејзин шпиц-кандидат за претседател на влада, но потенцира дека вообичаено насекаде во светот шпиц кандидати се претседателите на партиите, бидејќи се работи за реализација на партиските платформи. „Согласно со Уставот, победничката партија која добила право да состави влада, во случај на недоволно пратенички мандати за успешно да владее може да прави коалиција со друга партија чии услов може да биде (согласно математичките резултати) позицијата на претседателот на влада. Но, претседател на влада од непобедничка партија во пракса не дава добри  резултати, бидејќи функционирањето на малцинските влади насекаде во светот е резултат на големи меѓупартиски договори“, укажува Халили.

Повеќе:

Зошто да не?!

Тргнуваат караваните под маски

Каков премиер и каква влада сакаме

Говедо да е ...

„Бесата“ на Заев и Касами ја разочара ДУИ

Кој добива со ваквиот предлог? Според Халили, кандидирањето на Зибери за прв премиер Албанец, може да биде контрапродуктивно за ДУИ, и штетно за Зибери. Особено, што Зибери во минатото е познат по јасните ставови околу националните прашања на Албанците, спротивни со ставовите на Ахмети.

„Познат пример е неговото негласање на текстот на преамбулата на Уставот затоа што го сметаше како предавнички акт, текст зад кој цврсто стоеше Ахмети. Како кандидат на ДУИ, Зибери се стави во неблагодарна улога да ги брани криминалите на одредени високи функционери на ДУИ и да ја образложи неуспешната политика на ДУИ во многу сегменти. Тој во никој случај не претставува сéалбанска фигура, бидејќи аргументите за прифаќање на кандидатурата се многу послаби од неговите аргументи за предлогот на Ахмети, изнесени  пред една недела на ‘Алсат'. Од друга страна, ДУИ нема ништо да добие бидејќи тој е ранлив кандидат! Неблагодарна е неговата изјава дека за време на преговорите на Охридскиот договор тој ги бранел позициите на тогашниот политички анонимус Ахмети, наместо да признае дека сам се наметна да ја брани политичката платформа на ПДП, избработена од искусни експерти и политичари! Лошото на овој предлог е дека предизборната кампања ќе се фокусира на критики кон ПДП, и ќе се забораваат ДУИ и Ахмети“, оценува Халили.

Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
ДУИ типувала и на други кандидатиФотографија: DW/S. Toevski

Ветер во грб за ДУИ

Аналитичарот Џелал Незири вели дека Зибери е искусен политичар, без покрупни афери во неговата кариера, кој вистински го препознал моментот кога треба да се вклучи во политиката во 90-тите години, но и дека е еден од ретките политички фигури кој знаел и кога да се повлече од политиката.

„Ја заврши политичката кариера во 2002 година, кога ПДП се уште беше фактор на политичката сцена. За време на широката владина коалиција од 2001 година, принципиелно одби да стане министер за правда или вицепремиер, а на изборите во 2002 одби да биде на чело на кандидатската листа на ПДП во Изборната единица 1. Се повлече во време кога беше на врвот на политичката кариера и до прифаќањето на кандидатурата важеше за објективен посматрач на процесите во државата. Дали и сега препозна вистински момент за камбек во политиката, очекувам да се види. Како и да е, Зибери е почитувана фигура во јавната сфера, кој може да ѝ даде ветер в грб на ДУИ, која овој пат е сериозно предизвикана од етничката албанска опозиција во земјата“, оценува Незири. 

Но, потеницира, дека ДУИ типувала и на други фигури, кои досега не биле активни на политичката сцена, а зад себе имале богата професионална кариера и резултати на регионално и европско ниво.

„Зибери, по се изгледа, бил подолу на листата на посакувани кандидати за премиер од ДУИ. Дали со Зибери, како носител на големата идеја за прв премиер етнички Албанец, ќе може да ги убеди поголемиот дел од Албанците да гласаат за партијата на Ахмети, сега е рано да се каже. Со идејата ДУИ сакаше да постигне два ефекта: да се прикаже како се уште најголема партија на Албанците, и да покаже дека СДСМ не е достоинствена партија за претставување на интересите на етничките Албанци во земјата“, вели Незири.  

Тој потсетува дека овој потег се случува во ситуација кога ДУИ од една страна се соочува со опасноста СДСМ да придобие гласови на етничките Албанци директно или преку БЕСА, а од друга страна се соочува и со поконсолидирана албанска опозиција здружена во коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива. Па, преку идејата за премиер Албанец, Ахмети успева да го мобилизира членството.

„Сепак, нагласувањето само на етничката припадност на кандидатот за премиер, не значи дека по автоматизам ќе носи гласови. Етничките Албанци се сведоци на катастрофалното водење на општини и други институции од страна на ‘нивните' во споредба со ‘другите'. Дали може да се случи Зибери да биде идниот премиер, теоретски е можно ако имаме ‘дежа ву' на 2016 година. ДУИ високо ја крена политичката цена, потег кој може да ги остави во опозиција ако победникот на изборите најде алтернативи за формирање на парламентарно мнозинство“, смета Незири.

Заев и Мицкоски со идентична оценка

И двајцата потенцијални партнери, со кои по изборите Ахмети би можел да разговара за коалицирање во идната влада доколку „математикатата“ води кон тоа, веќе се изјаснија против ваквиот пристап на ДУИ. Истото го повторија и вчера, отакако партијата го обелодени шпиц-кандидатот за премиер. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потенцираше дека мандатот го даваат граѓаните.

„Немаме ништо против човекот, ама верувам дека неговото учество во ваква уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да ја реформира ДУИ. На ДУИ ѝ треба да помине четири години во опозиција, за да може да се реформира и да биде добра партија. Ова е само политика и политикантство, затоа што мандатот, на крајот на денот, го даваат граѓаните“, изјави Заев за „Сител“.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека поддршката за таа функција се бара пред граѓаните.

„Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка. Така се станува претседател на Владата. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен-кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани, без разлика на етничка припадност. Начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење политика го одбиваме“, изјави Мицкоски за „Сител“.