1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилени „битки“ за власт во Багдад

Александар Методијев/дв/ројтерс11 август 2014

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики го обвини новиот претседател Фуад Масум за прекршување на уставот, со тоа што не му го дава третиот премиерски мандат. САД порачаа дека стојат зад претседателот.

https://p.dw.com/p/1CsIk
Фотографија: Reuters

Премиерот Нури ал-Малики во телевизиско обраќање нешто по полноќ по локално време порача дека поднесува правна жалба против новиот претседател во земјата, курдскиот политичар Фуад Масум. Кратко пред шиитскиот лидер јавно да се обрати, специјалните сили блиски до премиерот се распоредија на стратешки места околу главниот град Багдад – сцени што укажуваат на тоа дека земјата се наоѓа во вонредна состојба.

„Има огромно безбедносно присуство – на полицијата и армијата, посебно околу (меѓународната багдадска, н.з.) 'Зелена зона'. Насекаде во Багдад има безбедносни сили и ова се многу невообичаени мерки“, оцени за агенцијата АФП анонимен висок полициски функционер.

Во своето обраќање Малики рече: „Денеска ќе поднесам формална жалба до федералниот суд против претседателот“. Тој го обвинува Масум дека го прекршил уставот по две основи: не го испочитувал крајниот рок да побара од најголемиот политички блок во земјата да предложи премиер, и да формира нова обединета влада.

Партијата на Малики освои најмногу, односно 24 проценти од гласовите и ист процент на места во ирачкиот Парламент. Но, противење за негов нов мандат има од сунитското и курдското малцинство.

Obama trifft irakischen Ministerpräsidenten Nuri al-Maliki
Малики доби остра порака од САДФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

САД нему денеска му порачаа дека „целосно го поддржуваат“ ирачкиот претседател Фуад Масум како заштитник на ирачкиот устав.

„Ние ги отфрламе сите обиди за постигнување на некаков исход преку принуда или манипулација со уставните или судски процеси“, порача Мери Харф, заменик-портпарол на Стејт департментот. Таа додаде дека САД одблизу ја следат состојбата во Ирак и се во контакт со ирачките лидери.

Позицијата на Малики е дополнително разнишана од „Исламската република“ – милитантна група која под своја контрола стави големи делови од Ирак, вклучително и вториот најнаселен град Мосул. САД започнаа воздушни напади и истовремено од воздух доставуваат хуманитарна помош за бегалците. Помош доаѓа и од други земји.

Кратко по обраќањето на Малики, шиитскиот заменик-претседател на парламентот Хаидер ал-Абади преку Твитер објави дека Малики треба да се тргне настрана и оти блокот на најголемите шиитски партии е подготвен да номинира премиер. Притоа тој не посочи ниту едно име, но во ирачката јавност името на Абади се споменува како можниот наследник на Малики.