Започна распоредувањето на „Патриот“ ракетите во Турција
5 јануари 2013Првите системи за противвоздушна одбрана од типот „Патриот“ на НАТО, кои треба да бидат распоредени на турско-сириската граница, пристигнаа во Турција, соопшти Командата на вооружените сили на САД во Европа.
Американските воен персонал и опрема пристигнаа во текот на влерашниот ден во воената база Инџирлик, во Турција, со цел да извршат распоредување на ракетните системи „Патриот“ на Алијансата на турско-сириската граница, на барање на Турција, се наведува во соопштението на американската Команда. Во него уште се наведува дека во наредните денови во Турција треба да бидат распоредени вкупно 400 американски војници, чија задача ќе биде управување со модерните противракетни системи.
Германската армија - Бундесверот, исто така соопшти дека двата германски „Патриот“ системи , кои се планирани за стационирање во Турција ќе бидат испратени со брод на 8 јануари.
Исклучиво дефанзивна мисија
На турско-сириската граница која е долга околу 900 километри треба да бидат распоредени вкупно 6 системи „Патриот“, по два од САД, Германија и Холандија. Токму овие три земји располагаат со најмодерната верзија на овој систем за противракетна одбрана. „Патриот“, меѓу другото, овозможува одбрана од балистички и крстосувачки ракети, како и од авиони на оддалеченост и од 68 километри.
Шестте системи кои ќе бидат поставени во Турција треба да ја заштитуваат земјата-партнер во НАТО, од евентуални напади од Сирија. Со тоа воената Алијанса одговори на молбата на Турција.
Официјални претставници на НАТО тврдат дека ракетите „Патриот“ ќе бидат така програмирани што нивната единствена задача ќе биде да ги пресретнуваат сириските ракети кои би влегле во турскиот воздушен простор.