1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заканите нема да му помогнат на христијанинот во Авганистан

23 март 2006

Германскиот Министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер предупреди од избрзани закани со санкции против Авганистан поради судскиот процес против авганистанскиот христијанин Абдул Раман.

https://p.dw.com/p/Ae2v
Авганистанскиот христијанин Абдул Раман
Авганистанскиот христијанин Абдул РаманФотографија: AP

Нему му се заканува дури и смртна казна поради тоа што минал од исламот во христијанската вера. 40-годишниот Авганистанец порано девет години живеел во Германија.

Заканите со санкции, како на пример повлекувањето на германските војници од составот на меѓународната мировна мисија за Авганистан, што го побара Либералната партија, може да им бидат од полза само на назадните сили во таа земја – оцени шефот на германската дипломатија. Во изјавата за утринскиот магазин на Првиот канал на германската ТВ, Франк Валтер Штајнмајер денеска појасни и зошто го сменил првичниот став, според кој немал намера да се вмеша во случајот:

„Во меѓувреме се вклучив и разговарав со авганистанскиот министер за надворешни работи, кому му ја пренесов нашата загриженост и јасно му ставив на знаење дека не можеме да прифатиме Јавниот обвинител на Авганистан да бара смртна казна за ваков случај. Му го пренесов и нашето очекување, тоа не е само германско, туку и европско очекување, судскиот процес не само да биде транспарентен, туку и да заврши без смртна пресуда.„

Штајнмајер во истовреме го отфрли барањето на Либералите за сериозни санкции против Авганистан, нагласувајќи дека треба прво да се причека како понатаму ќе се постави владата во Кабул и како ќе се развива судскиот процес. Впрочем, веќе се појавуваат и први сигнали на готовност за промена на ставот:

„Утринава од печатот дознав дека авганистанскиот Претседател Карзаи јавно ветил оти во процесот ќе бидат испочитувани меѓународните стандарди за човекови права и слободи. Ние секако будно ќе го следиме натамошниот развој„ – појасни шефот на германската дипломатија.

На воздржаност од избрзани реакции повика и авганистанскиот министер за економија Амин Фарханг:

„Се‘ додека не е разјаснета целата ситуација и додека не е донесена конечна одлука, не смее никој да се заканува со повлекување на заштитните сили или пак со запирање на помошта. Тоа се граничи со уцена!„