Закана со напади врз косовската полиција
12 ноември 2013Организацијата, која себеси се нарекува „Џихад на Косово“, денеска и’ се закани на косовската полиција дека ќе се соочи со „ужасни напади“, доколку веднаш не ги ослободи шесте лица уапсени поради сомнеж за подготовка на терористички напади и поради врски со терористичката организација Ал Нусра, огранок на мрежата на Ал Каеда во Сирија.
„Косовската полиција ќе се соочи со ужасни и болни напади. Без сомнение ние имаме мажи, кои повеќе ја сакаат смртта, отколку вие животот на овој свет. Тоа е војската на Господ, која ќе победи“, се наведува во пораката, која е испратена од имејл адресата dzemat-dzihad@hotmail.com, јавуваат косовските медиуми. Косовската полиција, според медиумите, со најголем степен на сериозност го анализира добиеното соопштение.
Полицијата вчера во операцијата „Ураган“ уапси шест лица меѓу кои и Генц С., познат како Ебу Хафс Ал Албани, за кого, како што наведуваат косовските весници, постои сомнеж дека е дел од мрежата на Ал Каеда на Балканот. Ал Албан едно време бил во Сирија и се борел на страната на бунтовниците заедно со други Албанци. Откако се вратил на Косово биле прислушувани сите негови разговори. Одреден му е притвор од 30 дена.
За четворица од останатите пет лица, уапсени при полициската акција во Приштина и во Гњилане, постојат сомнежи дека се поврзани со терористички активности, додека едно е осомничено за ширење на верска омраза.
Припадниците на Одделот за истрата и злосторства на полицијата по повеќемесечната истрага во координираната операција „Ураган“ пронајдоа и поголемо количество оружје.