1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: новата влада ќе биде формирана во март

БГ
23 февруари 2017

Лидерот на македонските Социјалдемократи Зоран Заев денеска од Сараево најави дека новата влада во земјата ќе биде формирана во март. Финишираат преговорите со ДУИ

https://p.dw.com/p/2Y86A
Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

СДСМ и политичките партии на етничките Албанци во Македонија ги договориле клучни точки и се очекува да формираат влада во март годинава, порача лидерот на социјалдемократите Зоран Заев денеска од Сараево.

„Сега мора да се договориме за распределбата на министрите и за реформската платформа на идната влада“, вели Заев, пренесува агенцијата Ројтерс.

Во средата, Централното претседателство на ДУИ донесе одлука да го прифати предлог-законот за употребата на албанскиот јазик, прашање за кое долго се преговараше со претставниците на СДСМ. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сепак, се уште не решил да му ги даде потписите на неговите 10 пратеници во Собранието на Заев. Ново продолжение на дебатата во ДУИ околу идната влада е најавено за в петок. На неа треба да се изградат конечните позиции околу формирањето на идната влада.

Заев денеска беше повикан на ново рочиште во врска со случајот „Поткуп“ во кој е обвинет за барање и примање поткуп како градоначалник на Струмица. Рочиштето беше одложено поради тоа што Заев е денеска во Сараево на доделување на наградата за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа. 
Од изборите на 11 декември минатата година, Македонија ја предводи техничка влада.