1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши „златната деценија“ на германската економија

БГ /АФП
16 јануари 2020

Германскиот економски раст стагнираше во 2019 година, а во исто време државата бележи суфицит од 50 милијарди евра. Тоа одново ја отвори дебатата за користењето на фискалниот суфицит за зголемување на домашниот БДП.

https://p.dw.com/p/3WHML
Deutschland | Deutsche Börse
Фотографија: picture-alliance/dpa

Растот од мизерни 0,6 проценти во минатата, 2019 година, го вклучи алармот во германското стопанство. Во споредба со 2018 година кога растот изнесуваше солидни 1,5 проценти; лани тој забележа значителен пад, потврдија од сојузната служба за статистика. Но оттаму потенцираат дека тоа е прв пад по 10 успешни години на раст, која го одбележа и периодот на најголема експанзија на германската економија од повторното обединување на земјата во 1990 година.

„Златната деценија во која Германија растеше полека доаѓа кон крајот“, вели Холгер Шмидинг, експерт на банката Беренберг.

Трговските конфликти, политичките проблеми како Брегзит, намалениот глобален раст и силните потреси во автомобилската индустрија- сите тие беа фактори кои придонесоа за падот на економијата во изминатата година.

„Проблематичната надворешна трговија значеше постојан стрес за германската индустрија“, вели Фрици Келер-Гајб, водечки економист на јавната инвестициска банка КФВ. „Единствено солидната домашна побарувачка ја спаси економијата од рецесија минатата година“, додава таа.

Надежта е дека новата, 2020 година, ќе донесе решение за дел од проблематичните точки. САД и Кина се пред нов трговски договор, а Брегзит е се поблиску до конечен крај.

Но, рејтинг агенцијата Мудис во вторникот предупреди од „влошено глобално опкружување“ кое може да го забави растот во отворените економии на еврозоната во 2020.

Германската централна банка Бундесбанк прогнозира дека растот годинава ќе биде ист како и минатата, додека некои институти очекуваат мало подобрување, со што растот би достигнал околу 1 процент.

Deutschland Autos Export
Глобалните превирања и транзицијата кон електрични возила ја забавија автоиндустријатаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Каде да се инвестира суфицитот?

Постојаниот анемичен раст и бројните структурни предизвици- од стареење на населението преку лошата инфраструктура, па се до транзицијата на автоиндустријата на електрична енергија- ги засилија повиците до Берлин да троши повеќе.

Критичарите велат дека владите на Ангела Меркел догматично се држат до политиката „без нови долгови“ позната како „црна нула“. Изминативе години, суфиците од буџетот на германската влада не беа инвестирани во забрзување на растот.
„Германија е заглавена во реформски застој“, вели економистот Уве Буркерт.
Според последните податоци објавени во средата, севкупниот суфицит на сите нивоа- локално, регионално и сојузно- достигнува 49,8 милијарди евра или 1,5 отсто од БДП.
Прашањето како да се потрошат овие средства отвори нов судир меѓу конзервативците на Меркел и коалициските партнери од Социјалдемократската партија. СПД бара повеќе инвестиции и поголеми социјални издатоци, додека ЦДУ на Меркел сака намалување на даноците за поединците и бизнисмените.
„Краткорочен стимул не е потребен. Суфицитот треба да се искористи за да засилат инвестициските напори во клучните сектори: дигитализација, инфраструктура и образование“, вели економистот на ИНГ банката Карстен Брзески.
Свесна за ваквите критики, владата во вторникот најави дека ќе инвестира 62 милијарди евра во модернизација на железницата, како дел од поширок план за да ги насочи граѓаните кон позелен јавен транспорт.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи