1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на Србите на Косово - назад во родното Богошевце

Рефки Алија/ Александра Трајковска25 октомври 2013

По 14 години семејство Спасиќ се врати во својата куќа на југот на Косово, која беше оштетена во војната. Тие живеат во тешки околности, се надеваат на обнова на куќата и мислат дека сега на Косово има живот и за Србите.

https://p.dw.com/p/1A4qx
Фотографија: DW/R. Alija

„По војната отидов во Косово поле. Во собирниот центар со моите две малолетни деца и сопругата, живеевме заедно со уште 300 луѓе. Потоа дојдов во Брезовица во 2000. и оттаму никаде не се движев. Полни 14 години на Брезовица, во Штрпце работев како курир во училиште. Плаќав кирија во Јажинце, менував пет станови. Дојдов овде, а желба ми е само да се обнови долниот кат, куќата и покривот, за да останам да живеам во своето огниште“, раскажува Момчило Спасиќ додека со сопругата и двете ќерки седи на креветот во собата, која е до половина разурната, а дрво е поставено да го држи ѕидот за да не им се урне на глава.

Семејството Спасиќ се врати во родното Богошевце крај Призрен по толку години од повеќе причини, а најважната е што „повеќе не можев да издржам во Јажинце, поради високата станарина и слабата плата“. „Не бев во можност да го финансирам школувањето на моите деца“, вели Спасиќ.

Се дружат и со Албанци

На неговата сопруга Живка најтешки ѝ се секојдневните проблеми во прилично оштетената куќа. „Немаме каде да ги сместиме децата. Немам шпорет на струја, немам мијалник, немам купатило какво што треба за да се искапеме. Тешко ми е да ги кревам лонците на шпорет и да греам вода и како порано со чаши да се полеваме и капеме“, дополнува Живка Спасиќ.

Die Familie Spasic
На родното огништеФотографија: DW/Refki Alija

Секојдневните проблеми донекаде им ги олеснува животот повторно во родното место и добриот прием од соседите. Честопати одат во Призрен, оддалечен само 15 километри. „Се дружиме и со Срби и со Бошњаци, и со Албанците имаме добри односи. Никакви проблеми немаме ни во Призрен, ни во околните села каде живеат Бошњаци или Албанци“, вели Момчило Спасиќ.

На кафе во Тирана

На неговите ќерки Радица и Драгана интернетот најчесто им е единствениот прозорец кон светот. Во селото не можат да гледаат ниту телевизија. Можат единствено повремено да следат босанска програма преку локалното радио. „Преку интернет се слушаме со другарите од Гуштерице, Лапје село (средно Косово), од Штрпце и понекогаш излегуваме. Тие доаѓаат по нас, излегуваме со нив и потоа не‘ враќаат“, велат Радица и Драгана.

Младите Срби во овој дел на Косово брзо се адаптираат на новите околности. Радица изминатата година 10 денови летуваше во Драч, а на кафе, како што вели, често оди во Тирана, на околу два и пол часа возење по новиот пат. „Тирана делува преубаво. Ми се допаѓа тој град бидејќи има доста образовани луѓе и секој го гледа својот живот. Никој не гледа што прави другиот, ниту на другата маса. Како и да се однесуваш тоа е твое, воопшто не ти забележуваат. Ти живееш свој живот, тој свој. Тоа ми се допаѓа“.

Die Familie Spasic
По улиците има плевелФотографија: DW/Refki Alija

И обновените куќи се празни

Радица Спасиќ, која во Штрпце заврши средно сообраќајно училиште, би сакала да стане припадник на косовската полиција. „Би сакала да бидам полицајка. Едноставно ја сакам правдата, ете тоа е причината. Кај мене би било - дружба е дружба, а служба е служба.“

Во Богошевце во моментов живеат десетмина, а до косовската војна во местото живееја неколкупати повеќе луѓе. Најголемиот број од куќите, меѓу нив и оние изградени неодамна за повратниците, главно се празни, а имотите покрај регионалниот пат Призрен - Штрпце се речиси целосно распродадени.