1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жесток руски притисок врз Молдавија

Р. Шварц/БГ2 јуни 2015

Неколку региони во Молдавија застапуваат се‘ посилни сепаратистички тенденции кон Русија. Односите меѓу Москва и Кишињев стануваат се‘ позатегнати, а стравувањата се дека тоа ќе се одрази и на безбедносната состојба

https://p.dw.com/p/1FaTR
Фотографија: DW/S. Ciochina

Во Балти, вториот по големина град во Молдавија, за 1 ноември е закажан референдум на кој граѓаните треба да одлучат за поголема автономија. Таа одлука ја донесе градскиот совет во кој доминира проруската Комунистичка партија, а која во советот има три четвртини од советниците. И мајчиниот јазик на мнозинството граѓани е руски.
Според Уставот на Молдавија, референдум на локално ниво можат да организираат и спроведат исклучиво властите во Кишињев, но градскиот совет во Балти веќе подолго ја игнорира централната власт. Така, уште на почетокот на 2012 година, државното знаме на Молдавија беше заменето со градското знаме. Обвинителството покрена истрага, но таа до денес не е завршена.
Најавата на локалните власти во Балти потсетува на некои претходни случувања во Молдавија. Во февруари 2014 година, жителите на автономниот регион Гагаузија со мнозинство од 98,4 отсто од гласовите на референдум се изјаснија за царинска унија со Русија. Владата не го осуди тоа изјаснување, но беше поздравен од Комунистичката партија и од градот Балти.
„Тоа е јасна провокација против единството на државата“, оценува политикологот Дионис Кенус. „Сепаратистичките тенденции покажуваат колку е слаба молдавската држава. Малцинската, проевропска влада е формирана со помош на комунистите и не треба да се исклучи можноста дека премиерот Кирил Габуричи и во овој случај ќе биде подготвен на компромис“, вели Кенус.

Die Republik Moldau (Moldova) und die Region Transnistrien Englisch
Фотографија: DW

Тензии меѓу Москва и Кишињев

Паралелно, има и нови тензии во односите со Русија. Москва во мај годинава депортираше дваесетина молдавски државјани, повеќето гастарбајтери, како и 11 други Молдавци. Причините за тоа не се познати. Претставници на молдавските невладини организации сметаат дека Русија на тој начин сака да ја казни Молдавија поради потпишувањето на Договорот за придружување кон ЕУ. По веќе постојната забрана за увоз, протерувањето на гастарбајтерите претставува нов, сериозен удар за земјата. Во Русија, според официјалните податоци, работат околу 400 илјади Молдавци, а низ Европа повеќе од еден милион. Се проценува дека само оние кои работат во Русија, минатата година на своите семејства им испратиле околу 1,5 милијарди евра, што е 60 проценти од вкупните дознаки од странство.
Борба се води и на теренот на медиумите. Поради „необјективно известување“ за судирот во Украина, молдавската комисија за медиуми и‘ ја одзеде лиценцата за работа на руската државна ТВ „Русија 24“. Други руски емитери минаа со парични казни.

Влошена безбедносна состојба

И политичките несогласувања меѓу двете земји растат. Молдавскиот амбасадор во Москва минатата недела беше повикан на разговор во тамошното МНР. Русија е лута поради молдавската забрана за транзит на припадници на руската армија преку нејзина територија до сепаратистичкиот регион Приднестровие во кој се стационирани околу две илјади руски војници. Минатата недела на аеродромот во Кишињев беше уапсен еден офицер од Доњецк кој планирал да регрутира доброволци во Придњестровие. Нивната цел била да предизвикаат нереди во Одеса, соопшти молдавската служба за безбедност.
Командантот на украинската армија, генерал Виктор Назаренко, оцени дека е зголемена воената опасност на границата кон Молдавија и Придњестровие.
Поради сите тие случувања многу граѓани на Молдавија се прашуваат дали воопшто да продолжат да веруваат во нејасните ветувања кои доаѓаат од ЕУ. Резултатите од неодамна одржаниот самит „Источно партнерство“ во Рига, не ги намалија нивните сомнежи.